„Ако вака продолжам - ќе умрам“ - Авичи во документарец открива дека бил под притисок за да настапува
- Детали
- среда, 25 април 2018
Откако Авичи беше пронајден мртов на 28-годишна возраст, под неразјаснети околности, многу работи започнаа да се откриваат.
Во неговиот документарец Avicii: True Stories младиот DJ самиот вели дека „ќе умре“ ако не престане со настапи.
Документарецот беше објавен минатиот октомври, и иако неодамна стана достапен на Netflix, деновиве е тешко да го најдете било каде.
Долгогодишниот пријател на Авичи и режисер, Леван Цикуришвили, го снимал DJ-от цели 4 години каде и да оди, хронолошки составувајќи го неговиот експлозивен раст и успех.
Документарецот го следи Авичи и низ месец март 2016-та година, кога донел одлука да се повлече од настапи.
„Кога решив да се повлечам, очекував нешто сосема поинакво. Очекував поддршка, земајќи предвид низ што сè поминував. Секогаш сум бил отворен со сите со кои работам и сите ме знаат многу добро,“ раскажува Авичи пред неговиот пријател Леван.
„Сите знаат дека имав анксиозност и дека упорно се обидував да се подобрам. Не очекував дека луѓето буквално ќе ме присилуваат да имам уште повеќе настапи.
Гледаа како се чувствував кога бев на сцена, но имав многу одбивања кога сакав да престанам.“
Авичи долго време отворено зборуваше за неговите здравствени проблеми, поточно анксиозноста и злоупотребата на алкохолот кој му помагал да се опушти на сцена, бидејќи по природа бил срамежлив и не сакал да биде во центарот на вниманието.
На 21 година му беше дијагностициран панкреатитис токму заради преголемото количество на алкохол.
Во документарецот има еден крајно морничав момент кој почнува со реченицата:
„Им го кажав ова: Нема да бидам способен да настапувам повеќе. Им реков, мислам дека ќе умрам. Го кажав ова многу пати. И не сакам да слушнам дека треба да одржам уште еден настап.“
Во документарецот, Авичи открива дека по одлуката да се повлече, му соопштува на тимот дека смета дека добра идеја е да има уште еден последен настап. Но, помислата дека повторно ќе се качи на сцена му создала паничен напад.
Причината за смртта сè уште не е откриена во јавноста, а неколкуте лица кои го виделе во Оман, додека бил на одмор со пријателите, тврдат дека изгледал среќно и расположено.
https://www.youtube.com/watch?v=hHPLLOcG4gw
https://www.youtube.com/watch?v=HrCRRMdtEvk