Како изгледаат и што прават денес членовите на групата NSYNC?
- Детали
- сабота, 04 јануари 2025
Џастин Тимберлејк продолжи со успешна соло кариера, додека Ленс Бас помина тренинг за да стане астронаут, но, за жал, мораше да се откаже од сонот.
Од 1995 до нивното распаѓање во 2002, NSYNC беа една од најголемите музички сензации во светот.
Дел од нивните хитови се пеат денес, додека Bye Be Bye беше и дел од најавната шпица на филмот Deadpool & Wolverine од 2024-та.
Денес, од членовите на групата, Џастин Тимберлејк дефинитивно се истакнува најмногу и може да се пофали со најуспешна кариера.
Но, и останатите колеги од групата се активни, секој во своја област.
Па, што прават и како изгледаат денес членовите на NSYNC?
Џастин Тимберлејк
По распадот на групата во 2002 година, Џастин Тимберлејк ја почна својата успешна соло кариера.
Сепак, изминативе неколку години не може да се пофали со истиот успех, а неговиот последен албум не доби најдобри критики.
Низ годините се проба и како актер, па се има појавено во неколку филмови и серии.
Од 2012 година е во брак со актерката Џесика Бил и имаат две деца.
Но, пред некоја година имаа криза во бракот, откако Џастин беше фотографиран како се држи за рака со колешка.
Неодамна, пак, беше уапсен за возење под дејство на алкохол, што дополнително му ја уништи репутацијата.
Џошуа Скот
Попознат под псевдонимот JC Chasez, Џошуа е веројатно вториот најпрепознатлив член од поранешната група.
По распадот на NSYNC, и тој проба да лансира соло кариера, но речиси постојано беше во сенка на колегата Џастин.
По неуспехот на неговиот деби албум, на крај реши да „крене раце“ од поп музиката и се посвети на театарот.
Има соработувано со неколку режисери за театарски мјузикли, а моментално работи и на свој мјузикл.
Приватноста главно ја крие од јавноста, но во 2019-та откри дека има девојка – Џенифер Хујанг – со која уште е во врска.
Крис Киркпатрик
За разлика од Џастин и Џошуа, Крис не ни проба да издаде свој соло албум.
По распадот на групата, целосно се тргна од музичката индустрија, а моментално има свој поткаст.
Единствено се има појавно во Celebrity Big Brother и The Masked Singer, но главно се држи настрана од јавноста.
Во брак е со сопругата Карли со која во 2017 година добија син.
Џои Фатон
И Џои Фатон се откажа од музичката кариера по распаѓањето на групата.
Пред основањето на NSYNC, веќе имал добивано помали улоги, па во раните 2000-ти реши да ѝ се врати на глумата.
Сепак, по неколку мали улоги, повеќе се истакна како презентер, па низ годините беше водител на неколку популарни американски емисии.
Имал и неколку улоги на Бродвеј, а и моментално работи на театарска претстава.
Настрана од забавната индустрија, тој има и мобилна сендвичара во Орландо.
Ленс Бас
Од сите во групата, можеби најнеобичен животен пат има Ленс Бас.
Откако се распадна NSYNC, тој почна кариера како актер, а основа и своја филмска продукција.
Но, Ленс отсекогаш бил фасциниран од вселената, па помина цел тренинг за да стане астронаут и да оди на Меѓународната вселенска станица.
Добил сертификат и од Руската вселенска програма, и со НАСА, а научил и руски.
Но, на крај морал да се откаже од сонот од финансиски причини.
По ова, тој издаде мемоари, а откри и дека е хомосексуалец.
Последниве неколку години води поткасти, а живее со неговиот сопруг.
Спирова С. | Црнобело