Беше со џуџест раст, почина на 20 години: Краткиот, но исполнет живот на актерот од „How the Grinch Stole Christmas“
- Детали
- сабота, 28 декември 2024
Актерот кој ја глуми 8-годишната верзија на Гринч имал 17 години кога се снимал филмот. Но, поради џуџестиот раст, секогаш го најмувале да глуми деца. Иако проживеа само 20 години, секогаш истакнуваше колку е среќен и колку си го сака животот.
How the Grinch Stole Christmas е една од најпознатите божиќни приказни, особено откако беше издаден и истоимениот филм со Џим Кери во главната улога.
Џим Кери го глуми Гринч – суштество кое го мрази Божиќ и ги презира сите од неговиот град.
Во филмот има и неколку сцени кои го прикажуваат детството на Гринч, а тогаш, популарниот лик го глуми актерот Џошуа Рајан Еванс.
Но, иако глуми 8-годишен лик, Џошуа веќе бил тинејџер за време на снимањето на филмот.
Сепак, бил избран поради неговиот џуџест раст.
Поради проблемите со здравјето, животот на Џошуа згасна прерано, уште пред да го прослави 21-иот роденден.
Неколку детали од краткиот живот на актерот кој сепак остави голем белег:
Џошуа бил роден во 1982 година, во Калифорнија, а до денес најпознат е по улогата во How the Grinch Stole Christmas.
Тој бил роден со ахондроплазија – ретка форма на џуџест раст.
Поради нарушувањето, бил висок само 97 сантиметри, а и во тинејџерските години имал детски изглед.
Џошуа имал и уште еден проблем со здравјето – дефект на срцето поради што во детството му биле направени три операции.
А, токму ваква операција на срцето го чинела и живот на 20-годишна возраст.
Во детството, здравствените проблеми неретко го „заробувале“ Џошуа кој минувал многу време во болница или дома.
Па, за разонода, гледал многу телевизија, се вљубил во филмовите и посакал да стане актер.
На 12-годишна возраст, тој почнал да си бара агент.
„Си помислив - ако само треба да се преправам, зошто не би можел да глумам?
Гледањето филмови ми помагаше да се оттргнам од моите проблеми и ми беше бегство.
Знаев дека ако јас можам да го направам истото за барем една личност, да ѝ помогнам да избега од проблемите, тогаш тоа би била одлична професија за мене“, има изјавено актерот во интервју од 2000 година.