Историски миг! НАСА ја покажа моќта на вселенскиот телескоп Џејмс Веб кој може да гледа милијарди години во минатото (фото)
Вселенскиот телескоп Џејм Веб работи беспрекорно, а инженерите веќе објавија неколку фотографии направени во фазата на тестирање кои ја покажуваат неговата неверојатна моќ. Ова значи дека наскоро ќе можеме да го видиме создавањето на првите ѕвезди и галаксии во универзумот.
Џејмс Веб е најмоќниот телескоп направен досега кој има способност да детектира инфрацрвена светлина. Поради ова, телескопот ќе може да гледа на огромно растојание.
На светлината што ја емитуваат небесните тела на далечните краеви од универзумот ѝ треба време да стигне до нас, што значи Џејмс Веб ќе може да гледа во минатото. Односно, според претпоставките на НАСА, Џејмс Веб ќе може да гледа и до 100 милиони години по Големата експлозија, односно периодот кога почнале да се формираат првите ѕвезди.
Моментално тимот инженери што работи на овој амбициозен проект се подготвува за првите истражувања, а додека ги нагодуваат инструментите на телескопот, прават фотографии од помало растојание.
Првата фотографија што ја споделија од НАСА е направена како дел од тестирањето на инструментите, и уште тогаш инженерите потврдија дека телескопот ги надминува сите очекувања.
На фотографијата се гледа ѕвезда која не можеме да ја видиме со голо око или обичен телескоп бидејќи е на растојание од 2.000 светлосни години и светлината што ја зрачи е многу слаба.
Сега од НАСА направија споредба со нова фотографија која покажува колку е помоќен Џејмс Веб од другите телескопи што биле користени досега.
На новата фотографија се гледаат неколку ѕвезди од Големиот магеланов облак – галаксија на растојание од 158.200 светлосни години од Земјата.
Споредбата е направена со фотографија од друг вселенски телескоп кој детектира инфрацрвена светлина – Spitzer – кој беше лансиран во 2003 година.
Од фотографиите е повеќе од јасно дека моќта на Џејмс Веб не се ни споредува со онаа на стариот телескоп.
Computer, enhance! Compare the same target — seen by Spitzer & in Webb’s calibration images. Spitzer, NASA's first infrared Great Observatory, led the way for Webb’s larger primary mirror & improved detectors to see the infrared sky with even more clarity: https://t.co/dIqEpp8hVi pic.twitter.com/g941Ug2rJ8
— NASA Webb Telescope (@NASAWebb) May 9, 2022
Сите инструменти на новиот телескоп работат беспрекорно, па сега останува да чекаме и можеби да добиеме одговор на некои oд најважните прашања: Како настанал универзумот, кои тајни ги крие и дали сме сами во него?
Прочитајте повеќе: Телескопот Џејмс Веб ќе може да го види настанокот на првите ѕвезди во универзумот - што знаеме за него?
Спирова С. | Црнобело