Препорачуваме: 5 книги за есенско уживање
Кога целата природа се смирува, деновите се дождливи, Сонцето се крие зад облаците и сè што сакате е топло ќебенце, чај и добра книга, тогаш ви треба приказна што ќе ве опушти и ќе ви дозволи да влезете во еден друг свет, да патувате и доживувате туѓи судбини, да научите нешто од нив или да си создадете пријатно чувство на топлина и позитивност кои ќе ве направат побогати за уште некоја мудрост или инакво искуство.
За таквите денови кои ни претстојат ви предложуваме 5 одлични книги за есенско уживање:
1. „Посакувам да си тука“ - Франсеск Миралјес (издание: ТРИ)
Ако сте ја прочитале неговата претходна книга „Љубов со мали букви“, тогаш ќе знаете дека може да се препуштите на едно релаксирачко книжевно патување , со оглед на стилот на овој писател кој нежно ве води низ страниците на својата приказна, без преголеми пресврти, ви се чини дека раскажува нешто вообичаено и секојдневно.
Почнувате да живеете како прв пријател на главниот јунак што само сака да открие каде ќе стигне. Но, на крајот го дознавате најголемиот пресврт кој ќе ве остави да ја размислите цела приказна отпочеток, бидејќи не сте го ни претпоставувале крајот кој ви дава поинаков поглед на работите. Сигурно и вам ви се случило да пронајдете нешто автобиографско во некоја песна. Но, главниот лик, Даниел, открива дека цедето кое го добива на подарок од најдобрата пријателка го раскажува целиот негов живот. Како пејачката, која е и автор на песните, да ги доживува истите негови приказни, и тоа е повеќе од неверојатно. Како да пронаоѓате сродна душа која е таму некаде и се чувствува исто како вас.
Ќе бидете ли толку луди за да одите да ја пронајдете? Но, дали ќе ја најдете неа или...?
2. „Засекогаш“ – Сузана Тамаро (издание: Култура)
Нежна приказна која ве води на едно душевно патување, претурање низ сопствените чувства, како низ стар заборавен куфер. Ќе ве растажи и вас исто како и ликовите во неа. Ќе ги преживеете сите моменти и ќе сочувствувате со болката и тагата, зашто секој се нашол во ситуација кога болката ви причинува чувство дека целиот свет се распаѓа.
Но, ова четиво ќе ви каже дека моќта на природата и мистеријата на животот се кријат и во најмалите нешта околу вас и не треба да ги одминувате знаците на патот кој ви ги покажуваат вистинските насоки.
3. „Јас сум Гениј“ – Салвадор Дали (издание: Феникс)
Можеби не сте љубител на типичната љубовна белетристика, па една напишана реалност за надреалната природа на уметничкиот гениј, Дали, е совршено четиво за вас. Ова е негова лична автобиографија која ви раскажува за еден поинаков живот. Приказна која делува како да е измислена, но всушност е вистински живот со точни податоци за човек, кој ја обележа уметничката историја. И никој не може поточно да ја напише од самиот тој.
Опфатени се сите периоди од неговиот живот и неговото творештво, ја опишува својата ексцентричност и бескрајната надреалистичка фантазија со која го обележа сликарството во дваесетиот век. Откријте ги најинтересните детали и инспирирајте се на поинаков начин.
4. „Пијанистка“ - Елфриде Јелинек (издание: Магор)
Приказна која одговара многу сегменти од нашето современо живеење. Ова е едно од најпопуларните дела на провокативната австриска писателка Елфриде Јелинек која користи богати описи кои се толку прецизни, дури и брутални и вознемирувачки.
Но, нема како поинаку да се долови состојбата и животот на една жена која е распната меѓу репресивното општество и нејзините најскриени, но искрени желби. Таа е претставник на секој современ човек кој не може да се соочи со своите најдлабоки страсти, поради што се претвора во нивни роб.
Оваа книга ќе ви зборува и за сексуалноста, за сензуалноста и немоќта за човечка комуникација, како и осудата на современото општество каде човекот е предмет за кој одлучуваат други. Дали ќе се пронајдете и вие или ќе знаете да се соочите, да победите или да се откажете. Ќе ја осудите неа или општеството. Дозволете си една поинаква улога која ќе ве натера да размислите, а можеби и да се промените.
5. „Ноќниот воз за Лисабон“ – Паскал Мерсие (издание: ТРИ)
Ако сакате авантуристички трилери, ова е вистинскиот избор за вас. Приказна која ве води од едниот до другиот крај. Возот со кој ќе патувате е една книга која ќе ви дозволи да влезете во нечиј друг живот, исто како што тоа ќе го направи главниот лик Рaјмунд Грегориус, професор по класични јазици на швајцарскиот лицеј.
Отпрвин ќе ви се чини дека се работи за досаден лик на стар професор, но она што кај него ќе го предизвика една случајна средба со една жена и една случајна книга, ќе направат пресврт на целиот роман. Ќе тргнете на патување од кое нема да сакате да се вратите. Ќе откривате, ќе се прашувате, ќе исчекувате и нема да можете да запрете додека не дознаете.
Ќе ги анализирате сопствените чувства и мисли преку ликовите и ќе откриете многу работи за кои не сте размислувале дотогаш.