За секого по нешто: 3 книги што треба да ги имате на полицата
Издвојуваме по една книга за секого: За безнадежните романтичари што сакаат да читаат брзи љубовни приказни, за вљубениците на психолошките трилери, но и за оние за кои сакаат да читаат само класична и квалитетна литература...
Да се разбереме, книгите не се само за на полица – треба и да ги прочитате, а овие 3 наслови вреди да ги купите затоа што често ќе сакате да им се навраќате и да ги препрочитувате.
Избравме 3 книги што жанровски се целосно различни, па зависно од расположението и од книгите што ги читате можете да изберете која од нив е вистинската за вас...
„Париз за еден и други приказни“ – Џоџо Мојес
Одлична книга за сите оние што се љубители на кратките прозни форми. Расказите се одлични за сите оние што немаат премногу време за читање, но сакаат барем накратко да уживаат во убавиот пишан збор.
Авторот на романите „Јас пред тебе“, „После тебе“ и „Сѐ уште јас“, креира романтична колекција раскази исполнета со хумор.
„Париз за еден“ е првиот расказ кој ја раскажува приказната за 26-годишната Нел која никогаш не била во Париз. Но, откако нејзиното момче нема да дојде на нивниот мини-одмор, Нел ќе одлучи сама да замине во градот на љубовта, и да им докаже на сите, па дури и себеси, дека не се во право.
Таму, сама, таа ќе запознае еден сосема поинаков дел од себе, за кој не знаела и дека постои. Нел ќе сфати дека таа може да биде независна и спонтана...
Ова е само првиот од повеќето романтични раскази во книгата, наменета за вистинските љубители на романтичните приказни.
„Куќа без спомени“ – Донато Каризи
Донато Каризи е еден од најпознатите автори на трилери во светски рамки, а „Куќа без спомени“ е трилер што нема да ви даде мир додека не го прочитате до последната страница.
Романот ја раскажува приказната на младиот Николин, кој со години се сметал за исчезнат, а пронајден е во шума тогаш кога сите веќе загубиле надеж.
На прв поглед, Нико изгледа добро: се гледа дека некој го хранел, се грижел за него, но никој не може ништо да дознае што му се случувало, затоа што детето не зборува.
Најдобриот психолог во Фиренца, Пјетро Гербер, е повикан за да го истражи умот на малото момче и да ја истражи неговата приказна, но она што ќе го дознае е сосема неочекувано...
„Дневникот на сатаната“ - Леонид Андреев
Романот на еден од најчитаните руски автори конечно е достапен и на македонски јазик. Напишан уште во 20-тите години на минатиот век, романот е одлична сатира на времето.
Во „Дневникот на Сатаната“, на ѓаволот му е здодевно, па одлучува да дојде на Земјата како американски мултимилионер, кој е на турнеја низ Европа.
Има можност да ги забележи најразличните човечки карактеристики: лицемерието, суровоста, но и женската итрина, која честопати е прикриена со невиност.
Дали ѓаволот ќе успее да ги надмудри луѓето или ќе остане осиромашен, засрамен, понижен?
Б. С. Б. | Црнобело