Најдобрите љубовни романи на сите времиња (според кои се снимени и филмови)

Можете да прочитате некои од безвременските љубовни класици или, пак, да им дадете шанса на некои од поновите изданија. Кои љубовни романи, навистина вреди да ги прочитате, пред да ги погледнете филмовите за нив?

najdobrite-ljubovni-romani-na-site-vreminja-spored-koi-se-snimeni-i-filmovi-01.jpg

Некои од нив се стари и по неколку стотици години, но нивната приказна одново и одново ги освојува новите генерации.

Заради овие романи сите веруваме во среќен крај и дека вистинската љубов навистина постои.

Овие приказни истовремено и ќе ве насмеат, и ќе ве расплачат и, на крај, ќе ви ја вратат насмевката на лицето, додека ги читате големите вистини за тоа дека понекогаш и не постои ништо разумно во љубовта.

Кои се најдобрите љубовни романи, што вреди да се прочитаат?

„Гордост и предрасуда“ – Џејн Остин

Оваа листа не може, а да не започне со можеби најпознатиот љубовен роман и со приказната за Елизабет Бенет, која е премногу остроумна и смела девојка за нејзиното време, а мора да се омажи за богат сопруг и со тоа да го спаси нејзиното семејство.

Господин Дарси е арогантен и вообразен човек, за кого бракот со Елизабет, или на неговиот пријател Бингли со нејзината сестра, е само лоша инвестиција, што нема да им помогне за да го зголемат своето богатство.

Во романот се преплетуваат голем број општествени прашања, имате можност да забележите како непријателството меѓу двата лика, полека прераснува во нешто повеќе, за на крај и двајцата да признаат дека имаат чувства еден за друг.

Можете да го погледнете и филмот направен според романот, но тој ни оддалеку не ги доловува доживувањата и емоциите низ кои ќе поминете додека ги вртите страниците од ова ремек дело.

najdobrite-ljubovni-romani-na-site-vreminja-spored-koi-se-snimeni-i-filmovi-02.jpg 

„Џејн Ер“ – Шарлот Бронте

Уште еден класичен љубовен роман, којшто се чита повеќе од 100 години и не смеете да го прескокнете.

Приказната имате можност да ја проследите од перспектива на главниот лик, гувернантата Џејн Ер која по тешкото детство, доаѓа во Торнфилд Хол каде треба да се грижи за мало девојче, но се вљубува во нејзиниот мистериозен работодавец, Едвард Ферфакс Рочестер.

Читателот има можност да ја следи приказната на наивната Џејн, како и самата се бори да ги спознае сопствените емоции и чувства, да го спознае светот во којшто живее и, во мигот кога сите очекуваат дека конечно приказната ќе добие среќен епилог, следува целосен пресврт.

Ова е уште еден задолжителен љубовен роман, кој не може да се прескокне.

 najdobrite-ljubovni-romani-na-site-vreminja-spored-koi-se-snimeni-i-filmovi-03.jpg

„Одвеано од виорот“ – Маргарет Мичел

Дејството се случува за време на Граѓанската војна во САД, а читателот има можност да ја следи приказната на Скарлет О’Хара, која прави сѐ за да го спаси сопственото наследство и земјата на своето семејство.

Таа е растргната помеѓу (невозможната) љубов кон двајца мажи, а романот детално ги опишува несреќите што им се случиле на богатите семејства кои поседувале плантажи во САД во 1860-та година.

najdobrite-ljubovni-romani-na-site-vreminja-spored-koi-se-snimeni-i-filmovi-04.jpg 

„Јас пред тебе“ – Џоџо Мојес

Љубителите на љубовни приказни знаат дека романите на Џоџо Мојес се нешто што во никој случај не смее да се прескокне.

Без разлика дали ќе го погледнете филмот или ќе се одлучите да го прочитате романот, треба да бидете подготвени дека со него ќе исплачете море од солзи.

Роман кој го поставува прашањето што сѐ се подготвени да направат луѓето во име на љубовта и дали љубовта може да го спаси оној кој веќе одлучил дека нема ниту една разумна причина да продолжи да живее.

Приказната за Луиза Кларк и Вил Трејнор долго време ќе ви шета низ мислите и нема да ви даде мир.

najdobrite-ljubovni-romani-na-site-vreminja-spored-koi-se-snimeni-i-filmovi-05.jpg

„Ова завршува со нас“ – Колин Хувер

Приказната привлече толку големо внимание, што според неа е снимен и филм, во кој главната улога ја има Блејк Лајвли.

Приказната за Лили Блум ќе ве освои од самиот почеток, но нема да им се допадне на оние кои се непоправливи романтичари и веруваат дека луѓето можат да се сменат.

Но, токму тоа што оваа приказна во голема мера потсетува на реалниот живот и не ве вовлекува во лажни фантазии дека секоја љубовна приказна завршува како бајка, е она што ја прави книгата привлечна.

Ова е дефинитивно еден од поновите љубовни романи кој заслужува да му дадете шанса и да го прочитате.

Сигурно ќе бидете возбудени да дознаете дека приказната има и продолжение, насловено „Ова започнува со нас“, коешто веќе е преведено на македонски јазик.

najdobrite-ljubovni-romani-na-site-vreminja-spored-koi-se-snimeni-i-filmovi-06.jpg

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

3 помалку познати книжевни класици што вреди да им дадете шанса Кога ќе се спомне Франц Кафка, сигурно веднаш помислувате на романот „Процес“, н...
3 книги за сечиј вкус, кои нема да ви дадат мир додека не ги прочитате Роман кој зборува за срушените идеали на нашите иселеници кои заминуваат во стра...
3 предлог книги за романтични души (нема да ви дадат сон додека не ги довршите) Ако сте романтичари во душа, кои веруваат во тоа дека вистинската љубов секогаш ...
3 кратки класични романи (што секој интелектуалец треба да ги прочита) Сакате да читате класици, но ве фаќа уплав од големите и обемни дела на познатит...
3 романи од омилените автори на Милош Биковиќ Какви книги чита Биковиќ? Кои 3 книжевни дела му се омилени и според него, вреди...
3 романи за роматични души што ќе ве разнежнат пред Валентајн Во пресрет на Денот на вљубените, зошто да не прочитате еден, или можеби сите тр...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg