Славчо Попоски, метеоролог: „Очекуваме натпросечно топло време до крајот на оваа зима“
- Детали
- четврток, 08 февруари 2024
„Овој викенд температурите ќе бидат натпросечно високи, но ќе дува и силен ветер од јужен правец. Од Сахара, кон нашата територија ќе се врши транспорт на прашина и на песок, со што и атмосферата ќе биде заматена, а дождот кој го очекуваме ќе биде валкан“, вели метеорологот Славчо Попоски.
Поради температурата, деновиве имаме вистинска пролет во февруари, а според прогнозата на метеорологот Славчо Попоски, топлото време може да потрае и до самиот крај на зимата, со повремени заладувања.
Претходно се очекуваше снег во февруари, но новите анализи покажуваат дека најверојатно нема да има врнежи. Напротив, ќе имаме натпросечно високи температури во текот на целиот месец.
Прогнозата на Славчо Попоски во продолжение:
„Феноменот 'Ел Нињо' под чие влијание сме во моментов и истиот носи потопло време, ни донесе вистинска пролет во февруари, во срцето на зимата, а тој ќе продолжи сè до крајот на летото или почетокот на есента, кога ни започнува ладниот феномен 'Ла Ниња'.
Во врска со снегот, и дали истиот воопшто ќе го имаме оваа зима, засега нема никакви најави за снег, дури и во втората половина од овој месец.
Барем според моменталните набљудувања и следења, шансите за снег се многу мали кај нас, како и во поголемиот дел од европскиот континент.
Во март очекуваме повремени заладувања на времето кои би можеле да донесат снег. Но, генерално очекуваме натпросечно топло време сè до крајот на оваа зима, без некои екстремни студови.
Температурите особено по 10 февруари, односно од овој викенд ќе бидат натпросечно високи, што значи дека влегуваме во циклонален, влажен и нестабилен период.
Овој викенд ќе дува и силен ветер од јужен правец (повремено и локално со брзина од над 70 km/h). Поради изразеното јужно и југозападно воздушно струење, од Сахара кон нашата територија ќе се врши транспорт на прашина и на песок, со што и атмосферата ќе биде заматена, а дождот кој го очекуваме ќе биде валкан.
Сепак, и покрај оваа голема промена на времето, температурите, како што кажавме, ќе бидат натпросечно високи и на повеќе места ќе надминуваат 10 степени.
Oваа промена лошо ќе влијае особено кај метеопатите, каде се можни поголеми здравствени проблеми.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук; freepik.com