Славчо Попоски, метеоролог: „До крајот на мај нестабилно време, можни се и поплави“
- Детали
- понеделник, 20 мај 2024
„До самиот крај на месец мај ќе се задржи значително топлото време, но и понатаму ќе биде многу нестабилно“, вели метеорологот Славчо Попоски.
Месецов почна со релативно потопло време, но изминативе неколку денови гледаме повеќе дожд отколку сонце.
А, нестабилното време ќе продолжи и до крајот на мај, додека на некои места ќе има услови за поројни дождови кои можат да бидат причина и за поплави.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски:
„До самиот крај на месец мај, во Македонија ќе се задржи значително топлото време, со максимални температури кои ќе бидат околу просекот и ќе се искачуваат во интервалот од 23 до 30 степени.
Но, и понатаму ќе биде многу нестабилно.
Често, и тоа особено во попладневните и во вечерните часови, ќе се развива нестабилна облачност, на повеќе места проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Нестабилно останува и во Скопскиот регион, во попладневните часови со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Високите температури кои ги имаме и топлиот бран од југ, позначително ја загреваат атмосферата и ја исполнуваат со многу енергија.
Токму поради ова, до самиот крај на мај, ќе се создаваат услови за локално, но посилно невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, кој би можел да услови локални поројни поплави, силен ветер, силни и чести електрични празнења и појава на град, кој би можел да биде и покрупен.
Токму поради ваквата состојба, апелираме на крајна внимателност, односно во случај на појава на силни електрични празнења да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Исто така, во случај на појава на силен ветер, автомобилите да се заштитат и да се ставаат подалеку од дрвјата“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com