Детали за трагичната смрт на пејачката Селена: Другарка ѝ ја уби на 23 години, сега сака да биде ослободена
- Детали
- среда, 01 јануари 2025
Пред 30 години, Јоланда Салдивар ја уби пејачката Селена за што доби доживотна казна затвор. Сега таа бара да биде условно ослободена, но некои истакнуваат дека има „мета на грбот“ бидејќи многу луѓе сакаат да ѝ се одмаздат за смртта на пејачката.
Селена Перез беше латиноамериканска пејачка која важеше за една од најпознатите личности во САД кон крајот на 20-тиот век.
Неретко е нарекувана најдобрата пејачка со латинско потекло на сите времиња, како и кралица на техано музиката (музика со влијание од мексиканската култура).
До 23-годишна возраст, Селена го имаше достигнато врвот на својата кариера, но тогаш и згасна нејзиниот живот, откако беше убиена од нејзина обожавателка и блиска пријателка.
Неколку детали за животот на Селена и нејзината трагична смрт:
Родена во 1971 година, Селена станала дел од музичката индустрија благодарение на татко ѝ, кој самиот бил пејач и продуцент.
Откако го забележал талентот на ќерка си, сфатил дека тоа може да му помогне да ѝ се врати на старата професија.
Па, со Селена и другите негови деца основал бенд.
Извесен период, Селена и бендот биле единствениот приход на семејството, бидејќи бизнисот на татко ѝ банкротирал.
Во 1984 година, го издале првиот студиски албум, а до 1987 година, Селена освоила неколку награди и почнала да се прославува во САД, особено меѓу доселениците од Мексико.
Во 1989 година, Селена потпишала и договор за соло албум со реномирана издавачка куќа.
Јоланда Салдивар – жената што ја уби Селена – првично не ја сакала младата пејачка бидејќи била конкуренција на нејзини други омилени изведувачи.
Сепак, кога со внука ѝ отишла на концерт на Селена, се вљубила во пејачката.
Јоланда толку многу ја засакала Селена, што формирала клуб на обожаватели на пејачката со цел да ја промовира.
Таа дури и неколкупати се обидела да го контактира татко ѝ на Селена, со надеж дека преку него ќе ја запознае.
Според изјавите на татко ѝ, тој се согласил да се сретне со Јоланда, па откако сфатил дека е само најобична жена која е обожавателка на Селена, ѝ дозволил да ја види во живо.
Преку клубот на обожаватели, Јоланда навистина се потрудила да ја промовира Селена – правела маички со нејзиниот лик, известувала за нејзини концерти, правела ексклузивни интервјуа со неа…
Јоланда и Селена се запознале кон крајот на 1991 година и станале мошне блиски пријателки.
А, и семејството на Селена ја ценело Јоланда и целиот нејзин ангажман за пејачката.
До 1994 година, бројот на членови на клубот на фанови на Селена пораснал до 8.000, а според семејството на пејачката, таа немала подобар асистент од Јоланда.
Таа сакала да ја импресионира пејачката и правела што и да се побара од неа.
По некое време, Јоланда дала отказ од своето работно место за да може целосно да се посвети на клубот на обожаватели на Селена.
Пејачката толку ѝ верувала на Јоланда, што откако отворила продавница и салон за убавина, ѝ доверила таа да ги води.