Викендов почнува летното сметање на времето + како влијае промената на луѓето?
- Детали
- петок, 29 март 2024
Овој викенд, помеѓу 30 и 31 март започнува летното сметање на времето, што значи дека денот на 31 март ќе трае еден час пократко...
Летното сметање на времето почнува во недела на 31 март, во 2 часот наутро. Тогаш стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час нанапред, па времето во 2 часот ќе се смета како 3 часот.
Оваа година тоа ќе трае до 27 октомври, кога во 3 часот наутро стрелките повторно ќе се вратат еден час наназад.
Летното сметање на времето во Македонија постои од 1983-та година, која во тоа време беше дел од СФРЈ. Во земјава од 1996-та година, летното сметање е регулирано со закон.
Во јавноста со години се дебатира за тоа дали промената на времето има влијание врз здравјето на луѓето.
Кога се поместуваат стрелките на часовникот, понапред или поназад, многу луѓе се жалат дека не се чувствуваат добро - дека се уморни и дека им се менува расположението.
Сепак, медицината се нема посериозно насочено кон оваа тема, иако постојат некои истражувања кои потврдиле дека на организмот му се потребни 15-тина дена за да се адаптира на промената.
Во секој случај, лекарите тврдат дека поместувањето на часовникот има влијание врз луѓето, но дека тоа е многу мало.
А. Ј. | Црнобело