Александра Пријовиќ со концерт во Белград ја заврши турнејата: Заплака пред 22.000 луѓе, емотивна порака од синот и сопругот
- Детали
- понеделник, 23 декември 2024
„Драга мамо, фала што нè поведе со себе на ова незаборавно патување. Те сакаме најмногу на целиот свет и најгорди сме што си баш наша, а што сме ние засекогаш твои“ - пишува во пораката што пејачката ја доби од сопругот и синот пред белградскиот концерт.
Српската пејачка Александра Пријовиќ синоќа (22.12) во Белград го одржа 63-иот концерт од проектот „Od istoka do zapada“ и со тоа ја заврши турнејата која траеше 18 месеци.
Во овој период пејачката настапи во многу градови низ земјите на поранешна Југославија, вклучувајќи ги и Охрид и Скопје, како и неколку града низ Европа и САД.
Турнејата на Пријовиќ почна со концерт во Белград пред една и пол година, а заврши на истото место, но во сосема поинаква атмосфера.
Пред почетокот на концертот, Пријовиќ ја објави пораката што ѝ ја напишале сопругот Филип Живојиновиќ и синот Александар.
„Драга мамо, фала што нè поведе со себе на ова незаборавно патување. Те сакаме најмногу на целиот свет и најгорди сме што си баш наша, а што сме ние засекогаш твои“ - пишува во пораката.
Тие ѝ беа и поддршка од публика, како и на повеќето концерти.
Но, овој пат во арената, освен сопругот и синот, беше и мајката на Александра, Борка, нејзиниот татко Недељко, кој дошол со маќеата на Александра, но и мајката на Филип - Зорица.
Лепа Брена не беше меѓу посетителите, бидејќи неодамна ја повреди ногата на еден од своите концерти, па мора да мирува додека да оздрави.
На белградскиот концерт, Александра настапи пред 22.000 луѓе, а бината беше поставена во центарот на белградска Арена, поради што таа со обезбедување се движеше низ публиката за да дојде до сцената.
Штом се качи на сцената, Александра не успеа да ги задржи солзите и емоциите, па заплака.
Таа доби и транспарент долг 10m, на кој имаше фотографии и беа обележани локациите од сите места на кои одржа концерти во текот на овие 18 месеци.
Како и на сите претходни концерти, така и тука имаше специјални гости. Прв на сцената излезе Никола Роквиќ, а потоа и Марија Шерифовиќ.
Таа повторно ја расплака Александра, кога кажа дека навистина долго време размислувала дали да се појави на концертот, но дека тоа го прави од срце.
„Ја познавам долго и сакам да им порачам две работи на сите што го оспоруваат твојот успех - да одат на психијатар да се лечат и да научат да се радуваат на туѓите успеси“, кажа Марија.
Пријовиќ воодушеви и со својот стил.
Таа се преоблече трипати - на сцената излезе со црн плашт, под кој носеше сребрен фустан, потоа се појави во кратко фустанче во златна боја, а на крајот излезе облечена во црн „машки“ костум, со бела кошула и машна-пеперутка.
Организаторите на концертот велат дека ова е првпат во историјата на арената, таа да биде отворена 360° за еден концерт, а публиката да е на сите трибини.
Погледнете неколку видеа од концертот на Пријовиќ во Белград:
А. Ј. | Црнобело