„Едвај ја влечев“ – Исповед на мајката херој Лејла, која пливала 3km за да ја спаси ќерката од поплава во Босна
- Детали
- понеделник, 07 октомври 2024
„Почувствувавме кога куќата почна да се ниша, еднаш, двапати, а на третиот удар се сруши. Се сеќавам дека ги слушав вресоците на сопругот, свекрвата и ќерката“ – раскажува мајката Лејла од Босна, која 3 километри пливала низ надојдената вода за да ја спаси 13-годишната ќерка.
Лејла Залихиќ е мајката херој од Босна и Херцеговина која скокнала од третиот кат на куќата и пливала 3 километри во надојдената вода, со цел да ја спаси својата 13-годишна ќерка, за време на катастрофалните поплави што ја зафатија босанска Јабланица, ноќта помеѓу четвртокот и петокот (03-04.10).
Лејла, ќерка ѝ, сопругот и нејзината свекрва завршиле во надојдената вода за време на ноќта кога селото Долна Јабланица, каде што живееле, било зафатено од катастрофални поплави, а куќата им била уништена.
За босанските медиуми, Лејла детално раскажува за хоророт што го преживеала. Нејзината приказна за борба за живот предизвикува солзи дури и кај оние, најсилните личности.
Како што вели, околу 12 часот по полноќ, таа, нејзиниот сопруг и 13-годишната ќерка заспале, а свекрвата била на вториот кат од куќата.
„Соседот ни се јави и ни рече да бегаме, затоа што куќата ќе ни се поплави.
Погледнавме од прозорецот и видовме дека водата надоаѓа.
Се качивме на вториот кат, а водата сè повеќе надоаѓаше.
Зедов некои основни работи, како лични документи и слично“ – раскажува таа.
Фото: Фејсбук - Арман Куртиќ
Таа вели дека одеднаш почнале да чувствуваат како целата куќа се ниша, по што се качиле на третиот кат и побарале помош, но заради оштетен мост, помошта не можела да дојде.
Таа вели дека околу еден час биле на третиот кат од куќата кога почувствувале дека водата удира на долниот кат. Биле свесни што ќе се случи, но не знаеле дали ќе успеат да се извлечат.
„Почувствувавме кога куќата почна да се ниша, еднаш, двапати, а на третиот удар се сруши.
Се сеќавам дека ги слушав вресоците на сопругот, свекрвата и ќерката и веќе на ништо не се сеќавам“ – вели таа.
Таа не знаела каде ја носи водата, ниту во кој правец се движи.
Среќната околност во целата ситуација било тоа што Лејла не го испуштила телефонот од раце за време на целата трагедија, па вели дека ни самата не се сеќава зошто не сакала да го пушти.
Но, токму тоа ќе ѝ помогне да го спаси животот на својата ќерка и да биде прогласена за херој.
„Ќерка ми го забележала светлото во моите раце и почна да ме довикува.
Не можев да стигнам до неа од дрвјата, предметите, апаратите за домаќинство.
Ги туркав, нуркав, скокав над нив, ги расчистував за да дојдам до неа.
Кога ја најдов ја влечев со себе, беше претешко, чизмите ѝ беа натопени во вода, облеката, но успеавме да дојдеме до брегот, каде што седевме околу час и половина.
Се обидувавме да испланираме каде да одиме, не знаевме во кој правец да тргнеме“ – раскажува таа.
Фото: Фејсбук - Арман Куртиќ
Тогаш забележале едно младо момче како плови на некој сплав во водата и му викнале да земе едно потенко дрво и да се оттурне до брегот. Така момчето успеало да стигне до нив.
Оттука, тие тројца тргнале да пешачат низ шумата до првата куќа што не е поплавена, за да се пресоблечат, да соберат сила и да побараат помош.
„Не се сеќавам на сите детали, сè уште сум зашеметена, знам дека стигнавме до една куќа и дојде полиција и цивилна заштита, па нè однесоа во брза помош“ – раскажува храбрата мајка.
Таа вели дека не знаела ништо за сопругот, но подоцна ѝ кажале дека тој преживеал, а за свекрвата не се знае ништо.
Лејла и ќерка ѝ веднаш биле хоспитализирани, а таа вели дека стравува дека нејзиното девојче доживотно ќе ги носи траумите, а тоа што го доживеале било навистина страшно искуство.
Прочитајте и Страшни сцени од поплавите во Босна: Железничка пруга виси во воздух, затрупана трудница го изгубила бебето
Б. С. Б. | Црнобело