Српските инфлуенсери на нозе против магазин обвинет за мобинг: „Ни мерат колку време сме во тоалет“
- Детали
- понеделник, 11 ноември 2024
„Не е важно дали некој ви починал, дали сте болни, секоја минута отсуство мора да се надомести“ – велат поранешни вработени во српскиот магазин Wannabe. Зошто голем број инфлуенсери се кренаа на нозе за да го бојкотираат доделувањето на наградите на најдобриот српски магазин, како што самите се претставуваат?
Деновиве на Инстаграм српските и регионалните инфлуенсери споделуваат сториња во кои масовно се откажуваат од номинациите за доделувањето награди на српскиот Wannabe магазин, откако поранешни вработени, анонимно, ги разоткрија наводно нехуманите услови во кои биле принудени да работат.
Wannabe е српски веб магазин за мода убавина и животен стил, а неговите директорки Нина Миловиќ и Нада Јокановиќ деновиве се најдоа на удар на јавноста, откако поранешни вработени одлучија да ги споделат своите хорор приказни за мобингот што тврдат дека го претрпеле од нив.
Директорките се огласија и изјавија дека против нив е извршен линч од голем број анонимни личности, чиишто тврдења не можат да се докажат, но тоа не ги спречи регионалните инфлуенсери да се кренат на нозе.
Имено, магазинот кој важи за најдобар во регионот, секоја година ги номинира најдобрите инфлуенсери и организира гламурозно доделување на наградите исполнето со музика, насмевки и магија.
Но, годинава, настанот ќе мора да биде откажан откако на социјалните мрежи се крена голема прашина, а најголем дел од номинираните инфлуенсери одбија да бидат дел од него и јавно ги одбија номинациите.
Целата приказна започна откако српската инфлуенсерка Јована Коварбашиќ обелодени што се случува во компанијата, а потоа беа споделени искуствата на голем број вработени кои на веб-страницата „Огледало фирме“ анонимно раскажуваат со што сè се соочиле.
Околу 25 поранешни вработени на веб-страницата ја споделија нивната страна од приказната:
„Директорките плаќаат големи пари на фенг-шуи експерти за да дојдат да гатаат во фирмата и ги обвинуваат вработените дека го саботираат просперитетот на компанијата ако го поместат столчето, а не е според фенг-шуи.
Не се прашуваат ли дека просперитетот на фирмата им се нарушува затоа што луѓето си заминуваат на секои 3 месеци, затоа што имаат ужасна репутација во целиот град и тоа што микроменаџментот го доведоа до таа мера што вработените мора да имаат инсталиран desktime (време поминато на биро), кое ја мери секоја нивна активност и движење.
Во суштина, ако малку подолго, да ми простите, мокрите во тоалет… тоа ќе се одрази на вашето време поминато пред компјутер.
Не е важно дали некој ви починал, дали сте болни, секоја минута мора да се надомести. Се гази преку мртви и ова е разубавената верзија. Совет до секого да си најде нешто подобро за себе.
Менаџментот не постои, а директорките ги преземаат заслугите на вработените за нивната работа. Тоа се личности што никогаш не ги фалат вработените и не им даваат ветер во грб“ – стои, меѓу другото, во првиот коментар.
Повеќе лица ја потврдија приказната за фенг-шуи експертите и хонорарот од 500 евра што тие го добиваат.
Во другите коментари најчесто стои дека додека работеле таму биле жртви на мобинг, понижување и омаловажување.
„Идеално место за прво работно место во животот. Доаѓаш на една функција, работиш 12.
Можеш да научиш многу од проста причина што мораш да ги работиш сите позиции.
Совршено место да научиш како не се работи и што не сакаш од една фирма во период од 6-8 месеци и да сфатиш што значи мобинг и малтретирање“ – стои во друг коментар.
Друг поранешен вработен ја потврди приказната за плаќањето фенг-шуи експерти, а трет пак, вели дека најчесто мета за вработување се младите луѓе од внатрешноста, кои, според директорките, немаат друг избор.
Освен овие коментари, на профилите на Јасмина Коварбашиќ и Јелена Ризниќ се споделени уште голем број искуства на поранешни вработени кои тврдат дека се соочиле со сериозни здравствени проблеми по работењето во магазинот.
„Јас работев за нив и тоа што им го прават на жените е ужасно. Затоа што себеси се претставуваат како феменистки, за мене е навреда да молчам, кога всушност видов што прават.
Штом дојдеш, гледаат со што може да те уценат.
Голем број колешки работеа болни за да се лекуваат, на некои им паѓаше косата од стресот што им го предизвикуваа.
Постојано имаше по некоја драма и некој вработен доживуваше нервен слом. Сите им се плашат и кога ќе си заминат, гледаат да немаат допирни точки со нив“ – стои во една од пораките.
Сепак, на крај се огласија и од самиот магазин, преку Инстаграм Стори, во кое велат дека се затекнати и во шок заради сите непотврдени обвиненија упатени до нивна адреса во само 24 часа.
„Затекнати сме и во шок и се чувствуваме вознемирено, и пред сè загрозени од количеството омраза, сексистички коментари, навреди, обвиненија и закани што се изречени против и кон нас“ – велат сопственичките.
Тие нагласија дека сметаат оти анонимните обвиненија против нив не се докажани, а најавија дека во моментов се во комуникација со приватен тим адвокати.
За крај најавија дека гламурозното доделување на наградите се одложува.
Б. С. Б. | Црнобело