Лена од Србија на само 9 години прави бурек како професионалец: „Го научив занаетот од татко ми“
- Детали
- сабота, 20 јули 2024
Лена од Обреновац, Србија, на само 9-годишна возраст работи како бурек мајстор во пекарницата на татко ѝ, а веќе стана сензација во родната земја.
Лена Кљајиќ има само девет години, веќе е вешт бурек мајстор.
Всушност, српските медиуми пишуваат дека таа е најмладиот бурек мајстор во Србија, но и еден од најдобрите.
Малата Лена живее во Обреновац, а работи во пекарницата на нејзиниот татко.
Вели, самата не знае да го подготви тестото, но затоа пак умешно го развлекува и прави бурек како да е професионалец со долгогодишно искуство.
Талентираното девојче почнало да покажува интерес за занаетот на татко ѝ уште на 5-годишна возраст.
„На 5 години почнав да правам мали печива и пити. Гледав од тато, како тој ги прави“, вели девојчето за српските медиуми.
Татко ѝ, пак, истакнува дека целосно ја поддржува.
„Лена сама покажа интерес да го учи овој занает, а јас сум тука да ѝ помогнам да научи да стане прав бурек мајстор, сè да прави рачно, а не машински“.
Покрај занаетот, Лена оди и на училиште, а дел од слободното време минува и со коњите за коишто се грижат со семејството.
На Инстаграм, Лена веќе има 6.000 следбеници каде што го покажува својот талент, а во коментари добива само пофални зборови:
„Браво девојче, вистински пример за новата генерација“.
„Браво малечка, девојчињата, но и жените треба да се огледаат на тебе“.
„Кога ќе дојдеме во Србија, прво ќе одиме во Обреновац на бурек“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Инстаграм