„Ми се скрши нокт на склекови“ - Хит видео на Хрват за младите момци на кои им воведоа воен рок
- Детали
- четврток, 19 септември 2024
„Нѐ натераа сами да си ги местиме креветите, немав време за мојот ритуал за убавина“ – млад Хрват го насмеа регионот со неговото хит видео во кое прави шега на сметка на новата генерација во војска, откако неговата земја одлучи да го врати задолжителниот воен рок за момчињата.
Од први јануари Хрватите ќе мора да служат задолжителен воен рок.
Сите полнолетни момчиња кои ќе го поминат лекарскиот преглед ќе треба да одат на задолжителна воена обука, која би траела од два до три месеци, а потоа ќе имаат можност сами да одлучат дали сакаат да продолжат со цивилен живот или да се вработат во воените сили на земјата.
И додека политичарите и властите ги кројат плановите за тоа како ќе изгледа воената обука, младите Хрвати од генерацијата Z, се шегуваат на сопствена сметка на социјалните мрежи.
Факт е дека задолжителното служење воен рок ќе биде вистински шок за младите генерации, коишто се навикнати на сосема поинаков живот.
Затоа младиот хрватски тиктокер Ален Жигиќ направи урнебесно видео во кое опиша како според него би изгледале неговите сонародници додека ја извршуваат обврската кон татковината.
Видеото во кое тој немилосрдно се шегува на сметка на својата генерација веќе има над 1 милион прегледи, а во него опишува како би изгледале младите Хрвати додека се во војска.
„Добредојдовте во мојот нов влог: ‘Првиот ден од војната’.
Нѐ разбудија утрово во 6 часот наутро, креветите моравме сами да си ги местиме, така што воопшто не ми остана време за мојот ритуал за убавина.
Го исчистив лицето и си ставив само коректор и некаков си лик, кој, наводно е ‘генерал’ ме натера да излезам надвор.
Со него се расправав затоа што не ме ословува како што треба, а тоа ќе имате можност да го слушнете, затоа што го снимив“ – вели тој.
Во продолжение, тој наводно му се обраќа на „генералот“, па му вели:
„Простете, кога веќе ме извлековте вака, јас не сакам вие мене да ми се обраќате во машки род и нема врска какво име ми пишува, затоа што мојот родов идентитет е поинаков: тие/нив“...
„Како тоа звучи на Хрватски?“ – го прашува генералот, а Ален му одговара:
„Не е важно како тоа звучи на хрватски!“
Потоа Ален се пожали на „жалниот“ појадок што го добиле со мармалад и обичен леб.
„За среќа си понесов оризови галети.
Моравме да излеземе на некакви си вежби, иако надвор имаше многу смог и мене на апликацијата ми пишуваше дека воопшто не е здраво да вежбам.
Потоа трчавме и правевме склекови и ми се случи она што е најлошо што може да ти се случи - ми пукна ноктот.
После тоа некаде се криевме, затоа што луѓето буквално пукаа, а јас се сетив на шифрата од GTA каде што бегаш од полицијата и они не можат да те фатат, затоа што мислев дека е полиција.
Потоа се вративме назад во базата.
Секако дека мојата кожа не го поднесе тоа добро...
Се вратија само половината од нас. Претпоставувам дека ова е некаков си Squid Game, така што победникот веројатно нешто ќе добие – тие спомнуваат наводно некојаси држава.
Тоа е тоа за денес се гледаме во новиот влог“ – вели за крај Ален.
Погледнете го видеото во продолжение:
@alen.zigic Tagiraj svog vojnika! 😂 #fyp #foryou #balkan #genz #army
♬ AmnaXBiba Naslovna - Amna
Б. С. Б. | Црнобело