Јелена Карлеуша со емотивно сеќавање за Тоше: „Никогаш не сум плачела толку многу како дента кога загина“
- Детали
- среда, 16 октомври 2024
„Тоше беше неуморен. И пееше како некоја виша сила да го тера да пее цело време, да даде колку што може повеќе од себе додека е жив“, се присети Јелена Карлеуша за пријателството со нашата музичка ѕвезда.
Балканската ѕвезда, Јелена Карлеуша, често во своите интервјуа знае да го спомне нашиот Тоше Проески и да се потсети на времето кога се дружеа и снимаа албуми во истото музичко студио во Атина.
Во тоа време, Тоше го снимаше својот втор албум, „Ако ме погледнеш во очи“, а Јелена во грчкото студио работеше на некои од своите најголеми хитови, вклучувајќи го и „Slatka mala“.
Неодамна, додека беше во посета на Скопје, за да го најави нејзиниот концерт, Јелена повторно со многу емоции зборуваше за нивното познанство.
Во разговор за CRNOBELO.com, таа кажа дека многу сакала да сними дует со Тоше, но дека, во времето кога се дружеле не им се „поклопиле коцките“.
Неколку години потоа, не само Јелена, туку и целиот регион беше затекнат од веста за неговата прерана смрт во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка.
Не годишнината од смртта на Тоше, 16.10, ви го пренесување сеќавањето на Јелена на нашиот пејач со ангелски глас:
„Мислам дека Тоше имаше 18-19 години и сè уште не возеше, а јас имав 21 година и само што научив да возам.
Од една грчка компанија добив мал автомобил како спонзорство, па секој ден го возев Тоше до студиото каде што снимавме и го враќав назад.
Ние со месеци бевме во Атина за да се заврши тоа снимање. Патот траеше околу 40-45 минути и се сеќавам, Тоше не престануваше да пее.
Дури и во студиото, кога не снимавме, тој не престануваше да пее. Се сеќавам, продуцентот се чудеше, велеше: „Па добро, зарем не ти е доста од пеење?“
Но, Тоше беше неуморен. И пееше како некоја виша сила да го тера да пее цело време, да даде колку што може повеќе од себе додека е жив.
По ова, патиштата ни се вкрстија уште само неколкупати, но секогаш тоа беа пријатни средби, исполнети со почитување, моменти кога се присетувавме на времето кога се дружевме во Атина.
Но, никогаш нема да го заборавам моментот кога дознав дека загинал.
Мислам дека никогаш во животот не сум плачела толку многу, освен за мајка ми.
Цел ден бев дома, гледав вести, читав сè што објавуваа медиумите. Тоа беше навистина тежок ден за мене“.
Прочитајте и Јелена Карлеуша за CRNOBELO: „Еден ден ќе станам светска ѕвезда“
А. Ј. | Црнобело / фото: Фејсбук