Зачекорете во црно-белиот свет на нашиот инстаграмџија Игор Аврамоски
- Детали
- среда, 08 август 2018
Страста спрема креативноста отсекогаш била присутна во животот на Игор Аврамоски од Кичево - фотограф, сликар, шанкер и дипломиран ликовен педагог со сликарство и сега со новостекнат прекар - инстаграмџија.
Со години својата жед кон уметноста ја задоволувал преку музика, бил пејач во неколку кичевски метал бендови, а најдолго останал во Arrested Army.
Завршил средно електро, но поради тоа што часовите не го интересирале многу, често пишувал текстови или чкртал груби скици, па откако бендовите му се растуриле првичното скицирање понатаму еволуирало во сликање, па сè до запишување на факултетски студии, кои биле пропратени со изложби, илустрирање на книги, ЦД омоти и слично.
Игор сака да обработува теми каде се претставуваат човечките емоции. Во последната серија ги прикажа негативните емoции како што се тага, депресија, очај, самотија... и тоа со помош на надреалистички инсектоидни-хуманоидни креатури поставини пуст, постапокалиптичен метафизички свет.
„Главната причина зошто сум на Инстаграм е тоа што во тој период ми изгледаше како подобра опција за промовирање на моите дела од Фејсбук. Тоа автоматски ме мотивира“, споделува Игор, кој интерес за фотографија имал отсекогаш, уште од времето кога сестра му, Ана, ги имала нејзините рани експерименти.
Бил фасциниран. И сé уште е, но неговиот фокус бил на сликарството, тоа било така до пред две години кога со месеци немал фатено четки, а камо ли насликано нешто. Па како и по обичај излегол на планините и одлучил да го земе апаратот кој му го поклонила сестра му, нејзиниот стар Canon EOS 1100, заедно со уште неколку аналогни апарати, кои сé уште ги користи.
По тој ден во Игор се родила неверојатна љубопитност, таква каква што до тој ден немал почувствувано. Почнал да експериментира. Да истражува. Да учи. Да прави грешки. Да ги поправа грешките. Се случувале неверојатни нешта што го држеле буден и го мотивирале секој ден.
„Во последно време почнав да експериментирам со боја, но едноставноста, елеганцијата, драмата, мистеријата, безвременоста на црно-белата фотографија од секогаш имале предност кај мене“, додава Игор, кој сака да фотографира предели каде што човекот најчесто го нема. Како шуми и планини. Особено кога времето е за „никаде“. Отсекогаш тие две нешта го инспирирале и мотивирале.
„Денеска многу е лесно луѓето да се фокусираат на погрешни нешта. И не се криви за тоа. Светот е брз и сè што се купило денеска утре е веќе старо. Истото важи и за фотографската опрема. Да. Убаво би било да се има во свои раце последниот модел што Canon, (Nikon, Fujifilm...) го пуштиле во продажба, но не е потребно.
Фотографијата е многу повеќе од опремата. На сите што сакаат да се занимаваат со фотографија пред сè би им советувал да се фокусираат на важните нешта. Препознавање на добра композиција, добро светло. Да се научи некој од софтверите за обработување како Photoshop или Lightroom. И секој можен момент да се искористи на учење нешто ново или фотографирање и експериментирање“, споделува Игор Аврамоски.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело