Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа најдолгите во животот“
- Детали
- вторник, 19 март 2024
„Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ова бебе што плаче најмногу, кое има најгласно грло, тоа бебе е ваше',“ раскажа Петар Грашо за првата средба со ќерката Алба во интервју за CRNOBELO.com.
Хрватскиот пејач Петар Грашо има неверојатна харизма и на сцената, но и надвор од неа. Со својата насмевка и позитивна енергија плени каде и да се појави, па дури и кога дава интервју среде Градски парк во Скопје, седнат на клупа.
Додека разговаравме за CRNOBELO.com, луѓето го забележуваа и загледуваа, можеби во неверување дека ќе го видат на едно толку едноставно место, како што е паркот.
Но, Грашо во неврзан разговор ни кажа дека е многу едноставен човек, кој сака да ужива во животот, во сите обични работи кои го прават секојдневието убаво. Признава дека сака да готви и за себе тврди дека може да се споредува со професионалните готвачи.
Во разговор за CRNOBELO.com
Пред концертите што ќе ги одржи во Скопје на 26 и 27 април, тој во интервју за CRNOBELO.com зборуваше и за музиката, но и за приватниот живот:
По околу 2 години повторно ќе се дружите со македонската публика. Некои велат дека баш често доаѓате кај нас, други дека не доаѓате доволно често… Дали се 2 години малку или многу за навистина да ѝ недостасувате на публиката?
Верувам дека тие што ја сакаат мојата музика би сакале да ме гледаат и почесто на концерт. Две години се доволно долг период за да се организира концерт. Еве, Стинг пред година и пол имаше прекрасен концерт во Загреб, а за половина година ќе гостува пак.
Јас во Скопје имам поминато незаборавни моменти, сум одржал преубави концерти и тоа почна пред околу 24 години. Овој пат ќе имаме два концерта, а можно е да имаме и трет.
Што може да очекуваат сите оние што ќе дојдат на концертот?
Обично моите концерти од овој тип, бидејќи сега ќе бидат во Филхармонија, почнуваат со пијано, со седење, а завршуваат со станување и играње.
Оваа сала е една од поубавите во коишто сум пеел, и е исклучително акустична. Таму настапував само со акустичен бенд пред околу 4 години.
Атмосферата беше прекрасна, романтична, радосна, како забава на некоја приватна домашна журка.
Поттикнат од ова, неодамна добив идеја дека не би требал да го менувам концептот, туку само да го надградам и да го направам подобар.
Па така, сега на сцената со мене ќе има околу 15 музичари. Ќе свириме, ќе пееме, ќе се веселиме. Мислам дека ќе биде многу интересно и дека нема да има некој во публиката што нема да ужива.
Јавноста во Македонија и не знае многу дека вашиот татко Зоран бил познат кошаркар. Беше ли разочаран кога наместо за професионална кошарка се решивте за музика?
Јас се занимавав професионално со кошарка, играв до мојата 18-та година. Настапував и за „Југопластика“, клуб од Сплит кој трипати беше шампион на Европа. Добив дури и понуда да играм кошарка во Америка, но некако, животот вмеша прсти, а јас се определив за музика.
Денес скоро и да не знам што се случува во кошарката. Сопругот на сестра ми игра во германската лига, а играше и во италијанската лига, па така следам што се случува по малку.
Порано знаев на памет сè што се случуваше во НБА, кога играа Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Скоти Пипен. Денес само повремено знам да изгледам некој натпревар, но најмногу поради Лука Дончиќ и Никола Јокиќ.
Татко ми во ниеден момент не се разочара што го избрав ова што го работам денес, ова што сум јас, всушност. Тој не е таков човек. Напротив, и тој и мајка ми се гордеат со мене и со тоа што го постигнав во животот и во кариерата.
Во едно интервју велите дека во времето кога сте имале и по 150 концерти годишно, сте престанале да се радувате да излегувате на сцена. Дали ви се случува и денес понекогаш истото?
Тоа се случи многу одамна, во 2006-та и тогаш направив долга пауза, на неколку години се повлеков од музиката.
Во тоа време се фатив себеси дека излегувам на бина, а потоа дека едвај чекам да заврши концертот.
Публиката тоа не го забележуваше, но јас го чувствував и не ми беше убаво. И затоа решив да се тргнам малку на страна.
Мојата публика не заслужуваше да пеам механички, колку да си ја изработам работата. Не сакав да бидам лицемерен. Тоа се сепак луѓе кои ги сакаат моите песни и платиле влезница за да ме гледаат и да уживаат во тие 2 часа.
Во тоа време и екипата со која работев беше многу различна, многу работи беа оставени на мене. Денес имам професионална екипа која се труди сè да биде совршено.
Откако се вратив на сцената, верувајте, веќе никогаш не сум почувствувал таков притисок или нерасположение кога пеам.
Публиката не ја интересира дали сте имале лош ден, проблеми. Се случува ли некогаш да излезете на сцена и да мора да бидете насмеан, добро расположен иако можеби не ви се пее? Како успевате да не откриете дека во моментот можеби и не ви е до пеење?
Точно е дека сите имаме лоши денови, тажни моменти и дека не секогаш на сцената излегуваме расположени. Но, Фреди Меркјури тоа го објасни најдобро во песната The Show Must Go On – колку и да ни е на нас музичарите тешко, мора да пееме од срце за нашата публика.
Знаете, ми се случило на еден таков неубав ден да излезам на бина, да почнам да пеам и тагата, лутината, нервозата да исчезнат.
Кога публиката ќе запее со мене, кога ќе почне да игра, ми ја пренесуваат нивната енергија, па сфаќам дека тие два часа ми биле всушност најубавите два часа, дека сум се расположил и си легнувам мирен.
Во Сплит скоро 30 години имате свој ресторан… Колку често може да ве сретнат таму? Дали знаете некогаш да зготвите нешто за своја душа, за специјални гости?
Активно го водев ресторанот до пред три години. Денес сум само сопственик на еден мал дел, повеќе на хартија, отколку што навистина се грижам за неговата работа.
Но, ресторанот го презедоа прекрасни луѓе, мои пријатели и тој и понатаму работи одлично.
Откако не сум активно вклучен во неговата работа, многу ретко одам таму, но ми кажуваат дека често се случува да дојдат луѓе, да прашаат за мене, или пак гостите да се распрашуваат каде сум, дали ќе се појавам.
Тоа ми годи, бидејќи значи дека сум оставил некаков печат со мојата угостителска работа.
Па дали некогаш од мерак, без никаква најава знаевте и да запеете за свој мерак или за мерак на гостите?
Јас во мојот ресторан не пеев. Добро, имало неколку ситуации кога сме имале приватни прослави со пријателите, па сме пееле сите, не само јас.
Но, тоа биле затворени забави, за наша душа и немало други гости. Беа тоа убави времиња.
Инаку, кога сум во Сплит, знам понекогаш и да отидам таму, да седнам, да испијам чаша вино, да пробам некој од специјалитетите, бидејќи храната е навистина одлична.
Сплит е дом на многу познати музичари, вклучуваќи ги и Џибони, Северина… Дали се дружите приватно со луѓето од хрватската естрада или повеќе кога сте на некој фестивал, доделување награди?
Моите пријатели во најголемиот дел се винари, угостители, луѓе од таа бранша. Со музичарите се гледаме повеќе на некои снимања, на фестивали, доделување на награди.
Некако, сите сме постојано на турнеи, снимања, имаме концерти и многу ретко сме во исто време на исто место.
Јас сум многу близок со Северина, а одличен пријател сум и со Џибони. Тој дури и живее на некои 300 метри од мене по воздушна линија, но ете, не се гледаме често.
Но, кога ќе се сретнеме, се дружиме, си раскажуваме анегдоти, се смееме и секогаш ни е супер.