Рецепт за руска салата за новогодишните празници
Ви нудиме рецепт за руска салата со точни состојки, за сите оние на кои домашните им велат дека ја прават „од око“.
Има вистина во тоа дека традиционалната кремаста руска салата, која е омилена за време на празниците во зима, домаќинките ја прават од око.
Но сепак, дури и за тоа, потребно е да се снабдите со одредена количина на потребни намирници.
И реалноста е дека во речиси секое домаќинство има различни рецепти за руска салата, некаде има некоја состојка плус, некаде нешто воопшто не се става, но ние имаме наш фаворит.
Но, во „кујната на мама“ најдовме стар тефтер со рецепт со точни состојки, но зависно каква ќе испадне, на лице место може да додадете или одземете нешто, по ваш вкус (и секако зависно потребната количина).
Потребни состојки:
- 3 варени мали компири
- 3 варени моркови
- 200g грашок од конзерва (исцеден)
- 400g шунка или салама по ваш вкус
- 400g кашкавал
- Мала тегла кисели краставички
- Голема тегла мајонез
- Сол по вкус
Начин на подготовка:
- Ставете ги компирите и морковите да се варат, а во меѓувреме ситно, на мали коцки, исечкајте ги кашкавалот, саламата и краставичките.
- Кога ќе се сварат, исечкајте ги и морковите и компирите, колку што е можно поситно.
- Ставете ги сите состојки во голем сад и истурете половина тегла мајонез во садот.
- Измешајте ги добро состојките, за мајонезот убаво да се соедини и распореди насекаде, а потоа додавајте лажици мајонез зависно колку сакате да биде ретка/густа.
- Посолете по вкус, почесто пробувајте за да не ја пресолите.
- При сервирање во помали садови, секогаш намачкајте малку мајонез одозгора, за да не се исуши салатата и да го изгуби кремастото својство додека стои на маса.
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com