Рецепт за мекици, од домашниот тефтер на мајките и бабите
Ако сте љубител на мекици, не мора да чекате да се роди ново бебе, може да си ги и направите сами. Пронајдовме рецепт за домашни мекици, од тефтерите кои сигурно сите ги имате дома.
Ако сте растени во период пред 2000-ите, сигурно во вашиот семеен дом има еден ваков тефтер, преполн со рачно напишани рецепти, чии страници се измрсени и наросени со брашно.
Нашите мајки и баби во минатото многу ги користеле, а ни се наоѓаат и на нас кога сакаме да направиме некој домашен рецепт.
Овој пат издвојуваме рецепт за вкусни мекици, исти како оние што ги јадеме на прославите по повод нечие раѓање.
Рецептот е минимално измодифициран од оригиналната верзија во тефтерот, за поточно погодување на состојките.
Потребни состојки:
- 1 канче кисело млеко
- 2 јајца
- 1 мала лажичка сода бикарбона
- 1 мала лажица сол
- 2 лажици шеќер (по желба, ако ги сакате поблаги)
- Околу 500-600g брашно (колку да се замеси средно меко тесто)
- Зејтин за пржење
Начин на подготовка:
- Измешајте ги состојките во длабок сад додека не добиете хомогена смеса.
- Постепено додавајте брашно и мешајте додека да биде доволно за со раце да замесите средно меко тесто (можеби ќе ви треба помалку или повеќе од напишаната количина, зависно од останатите состојки).
- Се развива голема кора, која се сече на средно големи квадрати.
- Секое парче тесто се става во добро загреан, врел зејтин (поголема количина, не само на дното, за да може убаво да се испржат) и се пржи од двете страни додека не ја добие препознатливата боја.
М. М. | Црнобело / фото: приватна архива