Светлана од Скопје: „Имам колекција од 754 книги дома, татко ми ми ја пренесе љубовта кон читањето“
- Детали
- четврток, 26 декември 2024
„Сè уште сме во преговори за полици, сопругот сака да ми направи полици, но со оглед дека се зголемува мојата библиотека многу брзо, тешко е да се оформи вистинскиот нацрт и скица за истата. Сега ми стојат наредени на под, до таван. Јас кога сум сама дома не гледам ТВ, секогаш сум со книга во рака“, вели Светлана Колевска (42), старешина во Армијата и вистински вљубеник во читањето.
Светлана Колевска (42) живее во Скопје и е мајка на две прекрасни личности, како што вели самата, затоа што веќе не се деца, синот Јован има 20 години, а ќерката Теодора е тинејџер од 17 години.
Светлана работи како старешина во Армијата, иако во тинејџерските години нејзина желба била да биде психолог, животниот пат ја насочил во војничката професија.
Ужива да шета во природа и кампување со сопругот (и со децата кога биле мали), сака и патувања низ светот, но најголема пасија ѝ се книгите.
Вели дека преку книгата ги пропатувала сите земји во светот.
За нејзината љубов кон читањето таа открива за CRNOBELO.com:
Колку книги брои твојата колекција?
Никогаш доволно, но сепак кога го ажурирав бројот на книги пред околу еден месец, заедно со списоците кои ги водам за истите (по издавачки куќи), имам точно 754 книги.
Мојата колекција на книги расте со секој „попуст“ во книжарниците.
Сега, додека го пишувам ова се толку, но можеби ќе бидат повеќе до крај на годинава.
Моите „купишта“ (како што знаат децата мои да ми кажат) ќе беа доста поголеми, можеби повеќе од 1.000 книги, но поголем дел од нив разменив и подарив на пријатели, кои ги запознав во книжевните групи, луѓе со кои нè зближи книгата, како да се познаваме отсекогаш, може да се каже за некои и „Пријатели засекогаш“.
Веќе 9 години се познаваме со многу од нив преку Фејсбук групата „Размена на книги и книжевни муабети“ (благодарност до Наде која ја оформи истата), редовно одржуваме контакти, си испраќаме подароци (книги секако) без посебен повод, се гледаме на кафе, или на некој настан поврзан со книги, каде разменуваме мислења за прочитаните книги и многу позитивна енергија.
Од луѓето кои ги запознав преку книгата, знам дека има многу од нив кои имаат многу поголеми колекции од мојата, која ако ја споредам со нивната е скромна.
Колку книги имаш прочитано?
Точна евиденција на прочитани книги водам по азбучен ред од 2016 година. Иако имам прочитано многу, многу повеќе книги и претходно, сепак немам точен број, затоа што дел од книгите ги позајмував да ги читам, но од овие што се моментално тука, преку 530 книги.
Имам евиденција за прочитани книги по азбучен ред, но и по година на читање. При толку голема збирка на книги, имам и членска картичка од библиотека.
Мојата пасија за книги се јави уште во средношколските денови, штедев пари од џепарлакот кои ми го даваа моите родители за да купам некоја книга.
Веројатно таа љубов кон книгата ми ја всади мојот татко, кој читал многу додека бил помлад.
Има премногу книги сè уште некаде во подрум, кои ќе ги придодадам на мојата колекција штом ќе бидам во можност.
Една мала анегдота до каде може да оди љубовта кон нова книга е таа што издавачката куќа Матица повеќе од 15 години нуди попуст во период од 20 до 31 јануари и немам пропуштено ниту еден.
Една година тој период бев на хируршки зафат во болница, но на 31 јануари „избегав“, во ноќница и влечки за да појдам да си купам книги, па се вратив повторно во болница посреќна и со полна ќеса.
Колку часа на ден или неделно одвојуваш за читање? Пред спиење, наутро или …?
Тоа е невозможно да се каже точно во часови или денови, но секогаш имам книга во чанта, каде и да одам.
Со сите обврски домашни и работни, одвојувам најчесто време ноќе, кога сите ќе заспијат.
Ако ме понесе книгата и сакам да знам што ќе се случи наредно, останувам и до раните утрински часови за да ја дочитам. Некогаш доколку не можам да спијам, станувам рано (пред 2 недели се разбудив во 4 наутро, си направив кафе и си седнав да читам на раат).
Доколку сум сама дома, не гледам телевизија, кај мене е книгата во рака наместо далечинскиот управувач.
Во годината читам просечно од 80-100 книги, но имам пријателки кои читаат мнооооогу повеќе, но секој чита во зависност од обврските.
Не читам за да се натпреварувам, читам затоа што уживам во тоа.