Вики Чадиковска за стилот и убавината: „Се будам во 5 часот со цеден лимон и вода, се откажав од слатките поради менопаузата“
- Детали
- среда, 04 октомври 2023
„Тања Кокев го изработи фустанот за еден неодамнешен важен семеен настан и буквално ја пренесе мојата замисла, што ми беше многу важно. Но, во иднина посакувам и креација од Лидија Георгиева, чија работа многу ја почитувам. Нејзините модели се вистински погодок, изгледаат мошне шик“, вели новинарката Вики Чадиковска за CRNOBELO.com.
Новинарката Вики Чадиковска (50) отсекогаш важела за дама со префинет стил и негуван изглед. Без оглед дали станува збор за јавна манифестација, деловен состанок, свечен настан или приватно излегување од дома, таа секогаш внимателно ја избира гардеробата што ја носи.
Неодамна на голема семејна прослава Вики носеше раскошен фустан со крем основа и црни детали, кој совршено се вклопи во елегантната и свечена атмосфера на прославата, а притоа ѝ ја нагласи фигурата.
Во разговор за CRNOBELO.com, Вики ни откри дека омилените парчиња облека што ги поседува се всушност креации од македонските дизајнери.
Но, ни откри и детали за својата рутина за нега на кожата, за храната од која се лишува поради менопаузата (и здравјето), но и за фитнес рутината со која се одржува во форма.
Стил на облекување
„Мојот стил на облекување би го нарекла 'Вики', бидејќи сметам дека облеката треба да биде своевидно огледало на нашиот карактер.
Она што ми е важно е облеката да биде одржлива, односно да можам да ја комбинирам во повеќе опции во подолг временски период.
Претпочитам македонски брендови, затоа што навистина имаме квалитетни македонски дизајнери кои заслужуваат да добијат поддршка. Во таа насока, имам неколку дизајнери со кои соработувам долго.
Росица Мршиќ и нејзините модели се скоро како скроени за мене и ми се чини дека преку нив најлесно се долувува мојот идентитет.
Со Росица и имаме убава соработка, таа ми помага за комбинирање на гардеробата при подготовката на емисијата „Приказна“, која се емитува на националниот сервис.
Ѝ се радувам на секоја сугестија бидејќи имам впечаток дека на тој начин таа го вади максимумот од секоја комбинација.
Марамата од нејзината последна колекција Retrophiliac, е моето омилено парче на кое силно му се воодушевувам.
Често соработувам и со Тања Кокев. Тања го изработи фустанот за еден важен семеен настан и би сакала да ѝ се заблагодарам што буквално ја пренесе мојата замисла, што ми беше многу важно.
Фустанот беше вистински погодок.
Во мојата гардероба имам и парчиња од брендот „Алшар“, чија креаторка знае убаво да изненади со своите креации.
Посакувам креација од Лидија Георгиева, чија работа многу ја почитувам. Нејзините модели се вистински погодок, изгледаат мошне шик.
Искрено, немам идеја што е тоа не би го носела, затоа што сметам дека облеката секогаш може да ја приспособиш на себе или на пригодата. Она што треба да се направи е само да се употреби малку креативност“.