Михаил Корубин: „Моите ми направија прва ‘изложба’ дома на 6-7 години, израснав во ателјеата на татко ми и дедо ми“
- Детали
- среда, 28 јуни 2023
„Паметам на 6-7 години моите ми ја направија првата „изложба“ во нашата куќа, јас гордо ги закачив делата и чекав публика. Гостите, пријателите на моите дојдоа и ми ги купија нормално сите цртежчиња по 50-тина денари. Тогаш си помислив: ‘Па ова лесно било, готово, јас сум успешен уметник’,“ вели сликарот Михаил Корубин во интервју за CRNOBELO.com.
Македонскиот сликар Михаил Корубин, иако потекнува од уметничко семејство, веќе долги години гради име за себе. Неговата работа е толку препознатлива на прва, што штом ќе ги видите ликовите на девојки насликани со впечатливи бои и јасен поглед кој ве хипнотизира, веднаш знаете дека зад тоа дело стои Михаил.
Во рамките на Скопско лето, на 26 јуни во Националната галерија „Чифте амам“ во Скопската чаршија беше отворена неговата самостојна изложба „Визуелна артикулација“, со 50 нови дела.
За изложбата која ќе трае до 10 јули, за креативниот процес, за првата „изложба“ што му ја организирале дома родителите кога имал само 6-7 години, но и за креативните дискусии со татко му Рубенс, Михаил раскажува во интервјуто за CRNOBELO.com.
На 26 јуни ја отвори твојата последна самостојна изложба „Визуелна артикулација“. Колку дела се изложени и дали сите слики се нови или публиката имаше можност да види некои од нив преку твоите постови на социјалните мрежи?
На изложбата се изложени 50 нови дела, од кои 13 нови слики досега необјавени, како и 35 Артокени кои ќе бидат пропратени од 50-тина идејни скици.
Скиците од Артокените се во улога да го прикажат мисловниот процес низ кој се оформуваат овие дела, но и да го појаснат самото значење на еден Артокен.
Сликите се акрилик и масло на платно од голем формат, сите се создадени или завршени во 2023-та година.
Дали и овојпат e инспирација жената? Дали станува збор за имагинарни ликови или секоја твоја слика е инспирирана од конкретна жена?
Иако можеби на прв поглед моите слики може да се категоризираат во групата на портет, каде што креативно е претставен некој конкретен лик, моите дела сепак се имагинарни ликови, лица кои се градат во текот на творењето.
Ликот е само дел од цела слика, тој е битен онолку колку што е битна и позадината, а се градат и надополнуваат симбиотички.
Во моите слики претежно позадината живее во преден план, преточена во ликот - тие се едно, едно без друго немаат смисла.
Погледот често е фокусот на моите дела, тој за разлика од цела композиција е прецизен, стегнат, оформен и бистар како река, тој е столб кој ѝ дава баланс на сликата.
Сакам гледачот да се поврзе со самиот поглед и колоритот кој го опкружува субјектот, да му разбуди меморија, мирис, да препознае стара емоција во ново руво.
Во овие дела освен погледот застапен е и „Артокенот” кој му дава една нова насока и значење на уметничкото дело.
Ги спомeна Артокените, можеш ли да ни објасниш што претставуваат и од каде потекнуваат? Дали се поврзуваат со твоите слики?
Артокени или Artokens е кованица која јас ја комбинирав од зборовите „Арт” (уметност) и „Токен” (знак, симбол, подарок) со кои ги нареков овие цртежи.
Овие дела преставуваат една уметничка репрезентација на разни емоции, карактери, природни појави, секојдневни и несекојдневни евенти.
Секој Артокен претставува одреден збор стилизиран преку неколку основни и едноставни геометриски слики како круг, триаголник, права линија и шестоаголник кои создаваат една минималистичка естетика.
Овие цртежи се знаковен ликовен јазик, симболи, прецизна геометрија во функција на едно ново писмо.
За сега овие знаци се само поединечни, еден симбол, еден збор, една мисла, но моментaлно работам и на цела структура со која ќе може и да се испише една симплифицирана, но ефективна реченица.
Погледот во моите ликови содржи сопствена мистична приказна креирана од восприемачот, но вo овој случај Артокенот и неговото значење му даваат една одредена дополнителна содржина со која таа приказна добива една поконретна насока.
Дали ти е полесно кога сликаш да имаш пред себе точна слика во главата како сакаш да изгледа ликот или кога се препушташ на емоциите и моменталната инспирација?
Претежно имам груба скица или идејно решение кое некогаш доживува и целосна метаморфоза во текот на сликањето. Да, се препуштам на моменталната инспирација, но некогаш таа кратко трае, односно недоволно за да се заврши делото.
Имам мал милион слики започнати каде што сосема сум се блокирал и едноставно не сум можел да ги гледам ни минута повеќе.
Јас преферирам да започнам нова слика дента, старата да ја свртам со опачината и можеби да не ја допрам со месеци.
Кај некои дела, кои имаат потенцијал, но ти недостигало инспирација тој период, убаво е да се навратиш по подолго време; често се случува со нова енергија да ја финишираш сликата и во само еден ден.
Твоите слики станаа препознатливи, стилот е впечатлив и некако на прва се знае дека некое дело е твое. Се гордееш со себе што успеа да создадеш некој свој стил и да станеш препознатлив во јавноста?
Рано ми е за да се гордеам, а и којзнае дали некогаш ќе стигнам до тоа или воопшто треба.
Денес има безброј дела и на еден начин во мојот занает толку е многу направено, но колку што е јазикот ликовно побогат, толку се отвораат нови можности.
Земајќи го тоа предвид, мило ми е ако некој препознае некое мое дело; сепак, во таа бесконечност сè уште има доволно девијации, варијации со кој еден може да биде претпознатлив.
Се трудам да бидам свеж и искрен кон мојата креативна енергија и не се оптоварувам да бидам по секоја цена различен.
Aко ја следиш твојата енергија секогаш ќе бидеш ти и само ти, затоа што бар до сега никој не живеел исто како ти. Ти си најуникатното нешто што го познаваш целосно.