Кумановец ја запроси саканата на Божиќ во Бигорскиот манастир: „Реков ДА уште пред да ме праша“
- Детали
- четврток, 09 јануари 2025
„Додека позиравме, брат му се појави со букет цвеќе (кој јас не го ни забележав, мислејќи дека уште позираме и во тој момент Дарко се оддалечи од мене и клекна на колено“, вели Анастасија за романтичното запросување на Божиќ.
Анастасија Тодоровска (23) и Дарко Стојмановски (26) од Куманово, се во врска веќе 7 години.
Неколку дена по нивната годишнина, на ден Божиќ (07.01), Дарко ја запроси Анастасија во еден од најубавите манастири кај нас, Св. Јован Бигорски.
Иако живеат на далечина, бидејќи Дарко работи со камиони во Германија, а Анастасија е во Скопје, каде што студира социологија на Филозофскиот факултет, нивната љубов е силна, и наскоро ќе ја крунисаат со брак.
За романтичниот момент, и изненадувањето што Дарко ѝ го приреди на Божиќ, Анастасија раскажа за CRNOBELO.com:
„На 01.01 годинава прославивме 7 години откако сме во врска, а се запознавме преку заеднички пријатели.
Иако сме долго време заедно, јас воопшто не очекував дека ќе ме запроси, посебно не дента.
За заеднички живот и брак имаме разговарано повеќепати, но тие разговори не ме подготвија на овој момент и шокот и возбудата кои пристигнаа со него.
Ден пред Божиќ, заедно со неговиот брат и девојка му се договоривме да го прославиме празникот во Бигорски, еден од нашите најубави манастири.
Тргнавме рано изутрина и по пат се забележуваше огромна трема и возбуденост кај сите, освен кај мене.
Сите беа организирани и знаеја каков е планот, но јас ниту во еден момент не се посомневав.
Кога пристигнавме таму, мојата пријателка рече дека сака да нè фотографира.
Па додека ние позиравме, неговиот брат се појави со букет цвеќе (кој јас не го ни забележав, мислејќи дека уште позираме за фотката) и во тој момент Дарко се оддалечи од мене и клекна на колено.
Не можам да ви ја опишам тремата и возбудата во тој момент и кај двајцата, јас на момент не верував дека тоа навистина се случува и веднаш реков „ДА!“ уште пред тој да праша било што.
Потоа Дарко го постави прашањето „Дали ќе се омажиш за мене?“
Како што веќе напоменав, не бевме сами и многу ни беше мило и на двајцата што со нас беа брат му и неговата девојка да ја споделат нашата среќа.
Прстенот го бирал самиот, малку е голем иако го пробувал на неговиот најмал прст, ха, ха.
Подоцна, откако разговаравме, ми рече дека тремата не ја ни почувствувал сè до моментот кога го извадил прстенот пред мене.
Откако ме запроси, најпрвин им соопштивме на нашите родители, кои неизмерно се израдуваа и рекоа дека воопшто не го очекувале тоа тој ден, а подоцна и на пријателите.
Сите беа пресреќни како и јас и Дарко.
Свадба планираме, да, но засега немаме дефинирано кога би ја правеле“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело