Парис Хилтон, Ентони Хопкинс: До темел изгорени домовите на холивудските ѕвезди од пожарите во Лос Анџелес (фото)
- Детали
- четврток, 09 јануари 2025
Парис Хилтон, Харисон Форд и Ентони Хопкинс се мал дел од познатите личности кои ги изгубија своите домови во пожарите кои пустошат низ Лос Анџелес. Поради силниот ветер и ниската влажност на воздухот, пожарникарите веќе два дена не можат да воспостават контрола.
Пожарите во Лос Анџелес уште се надвор од контрола, а според репортер на CNN, ни зборот „апокалиптични“ не е доволен за да ги опише.
Повеќе од два дена, пожарникарите гаснат и од копно и од воздух, но поради силните ветришта и ниската влажност на воздухот, не можат да воспостават контрола.
Областа каде што живеат бројни богати и славни личности е една од најпогодените, а домовите на многу холивудски ѕвезди се срамнети со земја.
Уништени се над 1.000 куќи, евакуирани се повеќе од 10.000 луѓе, а надлежните соопштија дека има и пет жртви.
Поради трагедијата, одложено е и соопштувањето на номинациите за годинешните Оскари кое беше закажано за 17-ти јануари.
Дел од холивудските ѕвезди кои ги изгубија домовите се огласија и на социјалните мрежи.
Парис Хилтон сподели дека нејзината куќа во Малибу била срамнета со земја, а таа гледала како гори на телевизија.
„Седиме со семејството, ги гледаме вестите и гледаме како нашиот дом во Малибу гори – ова е нешто што никој не треба да го искуси“, напиша Парис на Инстаграм објава.
И домот на 87-годишниот Ентони Хопкинс е целосно изгорен.
Тој се нема огласено за трагедијата, но на фотографиите што се споделуваат се гледа дека останале само темелите од куќата.
Харисон Форд беше фотографиран додека се евакуира и изгледа видно вознемирен.
Во еден миг влегува во полициски автомобил, наводно за да отиде да види што останало од неговиот дом.
Криси Тајген сподели емотивно видео на кое соопшти дека се евакуираат, иако засега нивниот дом не е зафатен од пожар.
Таа истакна дека со сопругот Џон Леџенд и децата се во ред, но дека многу нивни блиски пријатели изгубиле сè.