„Пред 45 години успеав да ја заведам единствената жена која посакав да ми роди деца“ – Жељко Самарџиќ за бракот и кариерата
Често имате концерти во Македонија, а во април 2022 година дури одржавте и хуманитарен концерт за болно момче од Прилеп... Што е тоа што повторно и повторно ве враќа овде?
Ме враќа љубовта. Настапувам низ целиот регион од Вардар до Триглав и навистина ме примаат и ме испраќаат секаде со топлина.
Се трудам да им вратам и јас во истата мера секојпат, затоа што претпоставувам дека љубовта е единственото нешто на овој свет што се множи кога се дели.
Дали имате омилено место во Македонија каде што секогаш сакате да одите кога сте тука?
Има многу ресторани и барови кои не можам да ги избегнам, но некако се добро распоредени низ Македонија.
Голем љубител сум на македонската кујна, вино и ракија. Жолта ми е омилен аперитив. Ми се допаѓа дури и чорба за појадок.
Не знам дали на друго место во светот има чорба на менито за појадок освен во Македонија, а тоа ми се допаѓа.
Дали имате пријатели во Македонија, а кои не ви се колеги? Колку често се гледате и како го поминувате времето заедно?
Да, има многу Македонци со кои сакам да се дружам и запознавам и во Македонија и низ светот.
А како го поминуваме времето заедно е многу тешко прашање. Со песна и вино...
Неколку години носевте мустаќи и брада, поради што публиката на почетокот не ве ни препознаваше. Дали ви требаше време да се навикнете на тој ваш лик кога ќе се погледнавте во огледало?
Па, ми требаше време да се навикнам и да не се штрекнувам пред огледало кога ќе видам лик кој личи на мене. Се шегувам.
Тој изглед им се допадна на многумина, имаше и дискусии и коментари на таа тема, а тоа е добро.
Пејачот треба да заинтригира и со својот изглед и со својата песна.
Ако се сетите на вашиот живот и детство во Босна, кои се некои од вашите најубави спомени?
Тоа е долга приказна. Јас имав привилегија да ги поминам детството, а подоцна и тинејџерските денови во Мостар, каде што сум роден, па во Никшица, од каде што потекнува моето семејство, потоа и во Задар, каде што живеевме доста долго...
За секој од тие градови и животни периоди се сеќавам на утрата кои мирисаа на свежата храна кај баба ми Јованка, но уште потопли ноќи на сламен душек завиткан во волнен јорган.
Филмот „Sjecas li se Doli Bel“ добро го опишува тоа време и средината во која пораснав.
Младоста е прекрасна сама по себе и во тоа време најмногу живеев во Мостар.
Таму се најубавите парчиња од младоста, луѓето, пријателите, семејството... сите тие украдени цреши и први бакнежи покрај реката Радобоља, топлите летни ноќи во Мостар.
Многу натпревари на нашите „Роѓени“ на стадионот под Бијели Бријег, познатиот тандем БМВ (Бајевиќ, Мариќ, Владиќ) за кој живееше градот и кој толку пати нè израдува.
Стариот, прастар древен мост поврзуваше многу повеќе од два брега, па во тешкиот момент на воените конфликти се преполови и се урна во Неретва, не можејќи да го издржи товарот на разбудената омраза.
Сето тоа се уредно уредени спомени кои му пркосат на заборавот.