„Пред 45 години успеав да ја заведам единствената жена која посакав да ми роди деца“ – Жељко Самарџиќ за бракот и кариерата
- Детали
- петок, 28 април 2023
„Во брак сме 45 години и заедно пребродивме многу убави, но и тешки животни моменти. Си бевме рамо за плачење, се боревме за љубовната среќа од моментот кога посакав моите деца неа да ја викаат „мама“. Дали сум бил бунтовник, па, дисциплината беше второ име на татко ми и образовните методи на Миќо понекогаш знаеја да бидат и болни“ - Жељко Самарџиќ во интервју за CRNOBELO.com раскажува за времето кога растел во Мостар, за првите бакнежи, за семејството, за татко му Миливоје кој бил воено лице и како стравот дека ќе добие ќотек од него го направиле ова што е денес.
Балканскиот шармер Жељко Самарџиќ на 67 години има енергија која плени на прва – насмеан, расположен, секогаш подготвен за разговор, па и за песна.
Вели, сето ова го подмладува и усреќува, заедно со љубовта што ја добива прво од семејството, а потоа и од публиката.
Во разговор за CRNOBELO.com Жељко открива дека кога ќе се симне од сцената се чувствува 10 години помлад од она што е – до толку многу го исполнуваат насмеаните лица и распеани грла.
За музиката и кариерата зборува со многу љубов, но со уште поголема страст раскажува за времето кога растел во Мостар, за првите бакнежи, за татко му Миливоје кој бил воено лице и како стравот дека ќе добие ќотек од него го направиле Жељко ова што е денес.
Но најемотивен е кога зборува за сопругата Маја со која е заедно 45 години, за ќерките и внуците кои му се гордост и ветер во грб сите овие години – и кога било убаво, ама и кога било најтешко.
Иако често доаѓа во Македонија, Жељко никогаш не ѝ здосадил на публиката - да можат, некои фанови секој ден би му оделе на концерт.
Особено сега, откако со Калиопи го сними дуетот за песната „Знам“, а за која многумина велат дека ќе стане вистински евергрин.
Проследете го целосно интервјуто на Жељко Самарџиќ за CRNOBELO.com...
Неодамна во Белград, а потоа и во Скопје имавте промоција на песната „Знам“ која ја пеете во дует со Калиопи. Колку долго трае вашето пријателство?
Ние сме пријатели уште од времето на нашата стара заедничка земја, каде што се запознавме и се дружевме на разни фестивали, па едноставно беше логично да се случи ваква соработка.
Чија беше идејата да ја снимите песната, ваша или на Калиопи? И дали успеавте на публиката да ѝ го пренесете она што го замисливте кога се роди „Знам“?
Калиопи ја започна оваа иницијатива и сакаше Ромео да направи песна по наш вкус. И мислам дека успеа.
Колку што можам да видам, публиката има само убави коментари и мило ми е што успеавме да пренесеме некоја убава енергија и љубов која постои по толку години од почнувањето на нашето пријателство.
Сепак, она што ја одбележа вашата кариера се песните „Грлица“, „Љубавник“, „Безобразно зелене“... Тешко ли е да препознаете хит и да го испеете со толку голема емоција што публиката ќе ја сака таа песна и по 15-20 години?
Горд сум што некои мои песни траат долго и дефинитивно не стареат, за разлика од мене.
Убаво е да се видат младите луѓе кои доаѓаат на моите концерти, кои сакаат и пеат сè, дури и некои песни кои се напишани пред да бидат родени.
Голема сатисфакција и мотив е да се продолжи по овој пат.
Планирам да снимам сè додека ја чувствувам таа поддршка и, секако, додека ме служи здравјето.
И верувајте, понекогаш по концерт, кога се симнувам од сцената, се чувствувам барем 10 години помлад од тоа што сум.
Тешко е да се објасни таа енергија која успева дури и да ме подмлади неколку години.
Инаку, ме прашавте како се прават хитовите. Никој не ја знае таа формула, бидејќи ако некој ја знаеше ќе беше најбогатиот човек на светот.
Што се однесува до мене, ги слушам моите пеперутки во стомакот. Верувам во тоа што ми го кажуваат и ретко ме изневерува тоа чувство.
И секако најважно - сè почнува од мене и колку уживам во песната. Ако гори пламен во срцето, ќе излета и некоја искра од устата.
Тешко е да се каже која песна најмногу сакам да ја пеам.
Има барем десетина песни без кои публиката не би ми дозволила да ја напуштам сцената.
Но, меѓу нив е една посебна песна, бидејќи е прва, а која ја сметам за моја лична карта од многу емотивни причини. „Сипајте ми још један виски“ е како временски клуч кој отвора некои фиоки со спомени.
Во сите овие години ја потврди својата вредност, а ми се чини и дека некако созреа во мене како тоа барик вино во старо дабово буре.