Хормонална диета креирана исклучиво за жени: како функционира и колку е безбедна?
Хормоналната диета е план за исхрана заснован на книгата за „натуропатија“ (вид на алтернативна медицина која се заснова на теоријата дека не може научно да се објаснат сите процеси во живите организми) од Наташа Тарнер.
Оваа диета има за цел да ги контролира хормоналните флуктуации кои предизвикуваат зголемување на телесната тежина и други видови здравствени проблеми.
Диетата се состои од 3 фази и трае 6 недели. Се претпоставува дека на крајот од хормоналната диета организмот треба да се врати во нормала. Диетата не вклучува само совети за исхрана, туку и план за физичка активност и совети за употреба на додатоци и витамини во исхраната.
Во секој случај, доколку сте сигурни дека имате хормонална нерамнотежа или едноставно сакате да се придржувате до оваа диета, прво консултирајте се со вашиот лекар, со ендокринолог или нутриционист.
Како функционира хормоналната диета?
Првата фаза вклучува двонеделна детоксикација, при што се елиминираат неколку видови храна. Овде спаѓаат глутен, кравјо млеко, кикиритки, шеќер, вештачки засладувачи, црвено месо, агруми, едноставни јаглехидрати со висок гликемиски индекс, алкохол и кофеин.
Во оваа фаза дозволено е да јадете пилешки гради, јајца, свежо уловена дива риба, зеленчук и повеќето овошја, семки од чиа, повеќето јаткасти плодови, маслиново масло и зрнести плодови како што се леќата, кафеавиот ориз и киноата.
Во оваа фаза треба да се земаат и додатоци како рибино масло, антивоспалителни суплементи и пробиотици. Во оваа фаза, телото е исчистено од вишокот хормони како што се естроген и кортизол. Првата фаза од диетата е најтешка – може да биде придружена со главоболки, замор и раздразливост.
Во втората фаза од хормоналната диета, дел од намирниците треба постепено да се враќаат во исхраната, притоа да се внимава на одговорот на телото на секоја од нив. На пример, доколку јадете јогурт и забележите дека ви предизвикува надуеност, можеби ќе треба да го исклучите од вашата исхрана.
До крајот на четвртата недела од диетата ќе знаете од која храна треба трајно да се откажете. Оваа фаза содржи избегнување на храна која би требало да го попречува производството на хормони. Тоа се риби со висока содржина на жива, месо и кафе кои не се органски, сушено овошје како суво грозје и урми, кикиритки и пченкарен сируп со високо ниво на фруктоза.
Исто така, избегнувајте преработена храна, вештачки засладувачи, храна со нитрати и рафинирани зрна.
Во третата фаза е пожелно да се додаде физичка активност, вклучувајќи кардио вежби, тренинзи за сила и јога, и да се продолжи исхраната од втората фаза.
Добриот бонус на хормоналната диета е тоа што вклучува „оброк за мамење“ или „cheat day“ што може да се практикува еднаш неделно. На овој ден е дозволено да се јадат оние намирници кои сте ги исклучиле од исхраната, но многу ги сакате, како и да консумирате повеќе јаглехидрати.
Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да го зајакнете метаболизмот и да започнете со диета:
- Кога јадете овошје, секогаш јадете го со парче сирење или јаткасти плодови.
- Јадете протеини за појадок. На пример, јајца или протеински шејк.
- Пијте многу вода.
- Започнете ги оброците со супи или салати за побрзо да се заситите.
- Протеинските шејкови, особено оние базирани на протеин од сурутка, ќе ви помогнат да го контролирате апетитот и да не се прејадувате во текот на ноќта, бидејќи го намалуваат нивото на инсулин.
Колку е безбедна хормоналната диета?
Вашето здравје е најважно, па морате да се осигурите дека оваа диета е безбедна за вас, а во овој случај ништо не ја заменува консултацијата со лекар.
Безбедно слабеење подразбира губење на 0,5-1 килограм неделно, а тоа треба да биде со комбинација од промени во исхраната и вежбање. Хормоналната диета ветува губење на тежината до 5,5 килограми за две недели од првата фаза, што е пребрзо за да се смета за безбедно.
Покрај тоа, губењето на тежината во првата фаза се јавува само поради промени во исхраната, бидејќи тренинзите се активираат дури во третата фаза.
Веројатно најголемиот дел од првичното слабеење се должи на губењето на вишокот вода. Ова е последица на намалувањето на јаглехидратите и избегнувањето друга храна. Сепак, овој резултат не е долгорочен и тежината може лесно да се врати по завршувањето на првата фаза или ако ѝ се вратите на вашата нормална исхрана.
Предности на хормоналната диета
Сепак, оваа диета има и свои предности. Прво, вклучува елиминација на рафинирани шеќери и високо преработена храна кои, во принцип, се штетни за сите луѓе.
Второ, повеќето намирници кои се дозволени во хормоналната диета се богати со влакна и незаситени масти.
Храната како грав и леќа, јаткасти плодови, семки, овошје, зеленчук, посни протеини и незаситени масла се вклучени во овој план за оброци. Тие се добро проучени и познато дека имаат корисни ефекти врз здравјето,
Трето, планот за хормонална исхрана делумно се заснова на медитеранската исхрана, која се заснова на високопротеинска храна, зеленчук, маслиново масло и јаткасти плодови. Според истражувањата, медитеранската исхрана е навистина одлична за слабеење.
Недостатоци на хормоналната диета
Првиот недостаток, како што веќе забележавме, е пребрзото губење на тежината во првите две недели.
Второ, не постојат научно потврдени докази дека хормоналната исхрана помага да се нормализира сонот или ја подобрува состојбата на кожата и косата.
И, конечно, може да биде исклучително оптоварување, бидејќи ќе бара од вас да готвите повеќе и да ги планирате оброците, што повеќето луѓе едноставно не можат да си го дозволат поради нивниот начин на живот. Ако сте навикнати да купувате готова храна и да грицкате различни грицки, ќе мора да заборавите на тоа.
Оваа диета има уште еден значаен недостаток за оние кои сакаат месо и не можат да го замислат денот без кафе. Се претпоставува дека може да се консумираат само органско месо и кафе, што можеби едноставно не е прифатливо за голем дел од луѓето и нивниот буџет.
Пред да започнете со ваков тип на исхрана која ветува нормализирање на хормоните, проверете дали тие се причина за вишокот килограми или здравствените проблеми со кои се соочувате. Истражете малку повеќе, анализирајте и не заборавајте да се консултирајте со својот лекар.
(О)Милена | Црнобело