Рестриктивна болничка диета – се губат до 15 килограми за 2 недели
За оваа диета се вели дека помага да се загубат од 7 до 15 kg за 15 дена, но, со оглед на тоа што е мошне рестриктивна, најдобро е да се консултирате со лекар пред да ја почнете.
На балканските простори мошне е позната т.н. ВМА диета, што всушност е двонеделен план за исхрана од Воено-медицинската Академија во Белград и која многумина ја практикуваат за да загубат и од 7 до 15 kg за 15 дена.
Оваа диета била креирана од лекарски тим со цел да им се помогне на пациентите побрзо да ослабат пред операција.
Со оглед на тоа што станува збор за диета што е осмислена за пациентите да се чувствуваат добро пред операција, од неа наводно не се забележува омалаксаност, замор и исцрпеност.
Исто така, не би требало да чувствуваат вртоглавици од прегладнетост (но зависи од организмот), а нервозите и раздразливоста наводно треба да бидат сведени на минимум.
Се смета дека идеален период кога се држи оваа диета е крајот на зимата и почетокот на пролетта, но сепак може да се држи во кој било период од годината.
Со оглед на тоа што се работи за рестриктивна диета, задолжително консултирајте се со лекар пред воопшто да почнете со неа. Ова е особено важно доколку веќе имате некакво пореметување во исхраната или ако претходно сте го имале.
Што смее, а што не смее да се консумира?
Оваа диета е со цикличен карактер, што значи дека таа се состои од три циклуси што траат по пет дена. По завршувањето на тие три циклуси, задолжителна е двонеделна пауза.
Секој ден има по три оброци, а паузата помеѓу секој оброк треба да биде од 4 до 5 часа.
Шеќерите од секаков вид се забранети во оваа диета. Не смеат да се консумираат никакви вештачки засладувачи, солта е дозволена во минимални количини, а алкохолот е забранет.
Задолжително, секој ден треба да се пијат по 2 литри вода, a може да се консумира и лимонада или зелен чај.
Оброците треба да се земаат по ред и да не се прескокнуваат, а вечерата се препорачува до 20 часот.,
Исто така, пушачите треба да се откажат и од цигарите во овој период, бидејќи се препорачува избегнување на никотин за време на диетата.
Појадок
Појадокот сите пет дена е ист и се состои од:
- 1 портокал
- 1 парче двопек
- Филџан кафе или чај (без засладувач)
Распоред за ручек и вечера:
Ден 1
Ручек:
- 1 варено јајце
- 2 лажици кисела павлака, кисело млеко или јогурт
- 1 двопек
- 1 портокал
Вечера:
- 1 до 2 парчиња двопек
- 2 варени јајца
- 1 домат
- 1 краставица
Ден 2
Ручек:
- 1 варено јајце
- 2 лажици кисела павлака, кисело млеко или јогурт
- 1 двопек
- 1 портокал
Вечера:
- 1 двопек
- 1 плескавица (125 g мелено јунешко месо) пржена на малку масло
- 1 домат
- 1 портокал
Ден 3
Ручек:
- 1 варено јајце
- 2 лажици кисела павлака или кисело млеко
- 1 свежа краставица
- 1 портокал
Вечера:
- 1 двопек
- 1 плескавица (125 g мелено јунешко месо) пржена на малку масло
- Филџан кафе или чај без шеќер
- 1 портокал
Ден 4
Ручек:
- 1 парче двопек
- 125 g младо кравјо сирење
- 1 домат
Вечера:
- 2 парчиња двопек или 8 крекери
- 1 плескавица (125 g мелено јунешко месо) пржена на малку масло
- 2 домати
Ден 5
Ручек:
- 200 g варено јунешко месо
- 1 парче двопек
- 1 домат
Вечера:
- 1 варено јајце
- 500 g варен зеленчук
За време на оваа диета можете слободно да се занимавате со полесни вежби, но доколку професионално се занимавате со спорт, тогаш е неопходно да се консултирате со лекар или со нутриционист пред да ја почнете.
Б. С. Б. | Црнобело/ Фото: pixabay.com