Летни цели: Како да ослабете заедно со партнерот?
Идејата за љубовни состаноци на романтични вечери или филмски маратон со брза храна и грицки звучи совршено.
Истражувањата покажуваат дека паровите кои живеат заедно, уште во првата година накачуваат по неколку килограми, токму поради таквиот начин на живот.
Тешко дека успевате да одолеете на домашно подготвените десерти и на нарачаните оброци кога немате време да готвите.
Независно кај кого повеќе ќе се одрази дебелеењето, важно е да сфатите дека тоа не треба да продолжи и да го поттикнете партнерот заедно да почнете да слабеете.
Поставете си #couplegoals за ова лето и заеднички постигнете ја посакуваната фигура со следниве трикови:
Заедно барајте диети
Секогаш е добро заедно да најдете некој начин на исхрана кој ќе ви одговара на двајцата и ќе почнете редовно да го применувате за да не одите во крајности.
Одберете нешто што е логично, без многу рестрикции и што лесно може да го следите долг период и да се чувствувате среќно.
Диетите со мал внес на јаглехидрати се многу популарни и се фокусираат главно на протеини, здрави масти и минимална количина јаглехидрати. Истражувањата покажуваат дека се едни од најефективните диети за слабеење, но проверете дали ви одговараат.
Наполнете го домот со здрава храна
Фокусирајте се кога пазарите да купувате само здрава храна, посебно во летниот период кога има голем избор на овошје и зеленчук.
Избегнувајте ги грицките, колачите и сите засладени производи како и брзата храна.
Разгледајте нови рецепти за мезиња со здрава храна, па дури и кога ќе се собирате со друштвото, сервирајте модерни јадења од овошје и зеленчук.
Наполнете ја кујната со јогурт, немасно сирење, хумус, јаткасти плодови, овошје и зеленчук.
Кога во домот нема да имате нездрава храна, нема да имате толку голема потреба да јадете и целосно ќе ја избегнувате.
Пакувајте си оброци за на работа
Наместо да купувате јадење од надвор и да немате контрола врз оброците на работа, пакувајте си исти оброци од дома со здрава храна и нормална количина.
Купете си квалитетни кутии за оброк за носење и подготвувајте си го јадењето навечер.
Гответе заедно
Нека ви стане навика да поминувате време во заедничко готвење кое ќе го гледате како забава, но и ќе ви биде од голема помош за подготвувањето на оброци.
Така ќе се приврзете повеќе, ќе поминете време заедно, ќе се забавувате, ќе учите еден од друг и ќе си го промените начинот на живот со исхраната.
На партнерот ќе му значи поддршката што му ја давате така што не го оставате сам во оваа „борба“.
Користете помали чинии
Почнете да ги користите чиниите за салати и за главно јадење, така ќе јадете многу помала количина и ставете ги прво помалите чинии на дофат.
Вежбајте заедно
Исхраната секако дека е многу важна, но без физичка активност не може да го постигнете совршениот резултат.
Сепак, многу е подобро кога се вежба во пар, така двајцата ќе се мотивирате и терате еден со друг, ќе си одберете вежби кои најмногу ви одговараат, ќе поминувате корисно време заедно и ќе слабеете.
Можете за викендите да одите на прошетки или планинарење, пливање или да возите велосипед или ролерки.
Легнувајте си порано
За слабеењето исто така е важно да имате квалитетен сон од 7-8 часа, па со оглед на тоа што сте двајцата во овој предизвик, ќе ви биде полесно заедно да си легнете порано, отколку еден да заспива порано додека друг седи до доцните часови.
Испланирајте награда
Интересна награда на крајот од предизвикот за слабеење кога ќе се постигнат резултатите може да биде огромен мотив. Испланирајте подарок за партнерот кој нема да биде поврзан со храна и искористете ја креативноста и имагинацијата.
М. М. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





