Што е Intermittent Fasting и кој не смее да ја држи оваа диета?
Диетата со наизменично/интервално постење или т.н. Intermittent Fasting не се врзува за тоа што јадете, туку колку и кога јадете. На луѓето им се допаѓа што не мораат да си го скратуваат задоволството и можат да јадат буквално сѐ, но само во одредени временски рамки.
Диетите со т.н. наизменично постење или intermittent fasting стануваат многу популарни во последните неколку години.
Постојат повеќе модели на диети со т.н. постење, а на луѓето во главно им се допаѓа тоа што не се изгладнуваат и можат да јадат додека слабеат.
Според некои истражувања, оваа диета може да ви помогне да загубите од 3 до 4 килограми за една недела.
Некои од најпопуларните модели на диети со постење се следниве:
Еден ден постиш – другиот ден не постиш
Во рамки на оваа диета, еден ден се косумира нормално количество храна, а следниот ден или во целост не се внесува храна, или треба да имате само еден мал оброк со помалку од 500 калории.
Се смета дека оваа диета е ефективна како и другите нискокалорични диети затоа што бројот на калории што го внесувате значително се намалува.
5:2 постење
Во рамки на оваа диета пет дена се храните најнормално, а два дена во неделата постите.
Во деновите кога постите не смеете да внесете повеќе од 500 калории дневно, а вие треба да одлучите дали овие калории ќе ги внесете одеднаш или ќе ги распределите во неколку микро-оброци.
Консумирање храна во точно утврдена временска рамка
Според оваа диета можете да јадете најнормално, но само во период од 8 часа во денот (на пример од 10 часот наутро до 18 часот навечер), а преостанатите 16 часа не смеете да внесувате никаква храна.
И до овој распоред е потребно да се придржувате секој ден.
Се верува дека иако може да ви биде тешко на почетокот, оваа диета може да ви помогне со текот на времето да јадете многу помалку и да ви се намали потребата за храна.
Но, кај други пак, е забележано дека во временската рамка кога им е дозволено да јадат - се прејадуваат и внесуваат повеќе калории од потребното.
Што смеете да јадете?
Она што ја прави оваа диета привлечна за многумина е тоа што нема никакви ограничувања во исхраната и при изборот на храна.
Воопшто не е важно што јадете, но потребно е да се придржувате до точно утврдената временска рамка.
Сепак добро би било да избегнувате брза и висококалорична нездрава храна, а вашите оброци да вклучуваат житарки, овошје, зеленчук и чисти протеини (пилешко месо, риба, јаткасти плодови, семки и мешунки, како грав, леќа и грашок).
Во периодите кога постите, дозволено е да консумирате кафе, чај или вода без шеќер, но не треба да претерувате.
Кој смее да ја држи оваа диета?
Пред да започете каква било диета или режим на исхрана препорачливо е да се консултирате со лекар или со нутриционист, но според пишувањата во голем број медицински списанија, диетите со непостојано постење не се препорачуваат за бремени жени или жени што дојат, затоа што тие во никој случај не смеат да прескокнуваат оброци.
Исто така не се препорачува ниту за луѓето што имаат камења во бубрезите, страдаат од киселини, дијабетес или други хронични заболувања.
Б. С. Б. | Црнобело