Илија од беровско има двор со 500 растенија - вистинска мини оаза: „Случајните минувачи се воодушевуваат од убавината“
- Детали
- сабота, 15 јули 2023
„Во ова минијатурно катче внимателно се подредени околу 500 различни убавици, а доминантни се кактусите“ – вели за CRNOBELO.com Илија Брндевски од беровско, кој сосема сам успеал да направи мала оаза со голем број природни растенија во селото Ратево, покрај жуборливата Ратевска река.
Кога ги гледате фотографиите од оваа мала оаза, просто не можете да поверувате дека таа се наоѓа во Македонија.
Илија Брндевски (30) за читателите на CRNOBELO.com сподели нови фотографии од неговата колекција кактуси и растенија собрани во неговата оаза.
Далеку од метежот и вревата, оазата на Илија се наоѓа во село Ратево, беровско, во непосредна близина на жуборливата река.
Малата оаза на Илија се протега на површина од 33m2, а нејзината убавина го привлекува вниманието на секој случаен минувач, но и на луѓето на социјалните мрежи кои имале можност да погледнат дел од неговата импресивна колекција.
„Во ова минијатурно катче внимателно се подредени околу 500 различни убавици, а доминантни се кактусите.
Секое си раскажува своја приказна и жубори заедно со реката, го привлекува окото на секој случаен минувач и воодушевува со својата прекраснотија.
Овде, во оазата и милениците се среќни и како заедно со преубавите цвеќиња да ја чинат приказната за местово целосна.
Секое утро е посветло, а секоја ноќ поблескава кога сиот раскош на природата е собран во едно мало кутивче со безброј убавини“ – вели Илија.