Мапа со виолетови медузи во Грција + зошто се опасни и што треба да правите ако ве опече?
На грчките плажи е забележана наезда од виолетови медузи, а здравствените власти објавија листа на задолжителни работи што треба да ги понесете со себеси на плажа, но и упатство за тоа што треба да направите доколку имате непријатна „блиска“ средба со нив.
На голем број грчки плажи годинава се појавија опасните виолетови медузи. Грчките медиуми веќе објавија мапа на која се гледа на кои плажи тие се најзастапени, а според океанографите, најмногу ги има во регионот на Атика и тоа на плажите во Мегара, Елефсина, Агиос Космас, Глифада, Анависос, Вулиагмени и Саронида.
Според грчките експерти, зголемената популација на виолетовите медузи во Егејското Море се должи на климатските промени и прекумерното ловење на големите риби.
Овие медузи најпрво се појавија во Јонското Море, од каде морските струи ги однеле до Егејското Море, Солунски Залив и Халкидики, Пагаситикос и Споради.
Изгореницата од виолетовата медуза е болна заради невротоксините што таа ги испушта, а може да се случи болката да трае од 1 до 2 недели.
На местото на изгореницата може да се забележи црвенило или осип, но вообичаено не е толку опасна и засега немало случаи со фатални последици.
Во одредени случаи може да има посилни симптоми што вклучуваат: вртоглавица, повраќање и дијареа, а забележано е во некои случаи на местото на опекотина, неколку години подоцна да се забележат проблеми со кожата.