Најчести симптоми (и причини) за ниско ниво на прогестерон
Прогестеронот има клучна улога во подготвувањето на матката за бременост. Па, ако имате проблеми со зачнување, можеби неговото ниво во вашиот организам е ниско.
Хормоните се хемиски супстанции кои служат како „гласници“ во нашето тело.
Се лачат во разни делови од телото, а потоа патуваат до други и генерално им даваат инструкции на клетките и органите како правило да функционираат.
Оттука, јасно е дека хормоните имаат контрола врз секој аспект од здравјето, што значи хормоналната нерамнотежа може да предизвика низа проблеми и симптоми.
Но, кај жените, нерамнотежата доста често предизвикува симптоми што тие ги поврзуваат со менструалниот циклус, па ги игнорираат.
Еден од хормоните што се лачи во женското тело е прогестеронот кој има влијание врз менструалниот циклус, како и бременоста.
Најчестите симптоми за ниско ниво на прогестерон кај жени:
Неплодност или проблеми со зачнување
Прогестеронот има клучна улога во подготвувањето на матката за бременост.
Кога неговото ниво е ниско, се јавуваат проблеми со зачнување, па и неплодност.
Силни ПМС симптоми
Многу изразените ПИМ симптоми, како подуеност, силна болка во градите и значителни промени во расположението, некогаш можат да бидат предизвикани од ниско ниво на прогестерон.
Нередовни менструации
Во женското тело, прогестеронот има влијание врз хормонот естроген.
Кога нивото на прогестерон е ниско, естрогенот има поголемо влијание што, пак, може да предизвика промени во менструалниот циклус.
Ноќно потење
Иако ова е симптом кој е чест кај жените во перименопауза, некогаш е предизвикан и од ниско ниво на прогестерон.
Крвавење кога немате менструација
Ако забележите капки крв во период кога немате менструација, можно е да станува збор за ниско ниво на прогестерон.
Кога нивото на хормонот е ниско, ендометриумот, односно внатрешниот слој на матката може да почне да слабее предвремено, па да се појави малку крв пред да добиете менструација.