Од тагата страдаат белите дробови, од стравот бубрезите – Како емоциите влијаат врз органите во телото?
Според традиционалната кинеска медицина емоциите се длабоко поврзани со здравјето на органите во телото и силните чувства може сериозно да ви го нарушат здравјето.
Според кинескиот медицински пристап, емоциите може да влијаат врз физичкото здравје, но и обратно, физичкото здравје може сериозно да ви го наруши душевниот мир.
Така на пример, претераниот гнев и раздразливост може да влијаат врз работењето на црниот дроб и да предизвикаат низа други проблеми врз здравјето.
Заради овие емоции може да чувствувате болни менструации, главоболки, црвенило на лицето и на очите, вртоглавици и сува уста.
Од друга страна, пак, токму неправилното работење на црниот дроб може и да влијае врз вашето избувливо расположение.
Во продолжение да погледнеме врз кои органи ви влијаат емоциите и на какви проблеми може да укажуваат:
Загриженост, беспокојство
Според кинеската медицина, овие емоции најсилно влијаат врз здравјето на слезината, која има мошне важна улога во имунитетот.
Слезината ја филтрира крвта, односно ја прочистува од изумрените крвни зрнца, од бактериите и нечистотиите во телото.
Ако имате проблеми со овој орган може да почнете нагло да чувствувате замор, загуба на апетит, зголемено ниво на исцедок во носот, зголемено менструално крвавење, бледи усни и модринки по телото…
Исто така, нејзиното нарушено здравје може да биде причина што чувствувате внатрепен немир и беспокојство.
Тага, депресија
Тагата најсилно ги погодува белите дробови, кои се задолжени за внесување на кислород во организмот и ослободување на јаглеродниот диоксид.
Прекумерната тага може да доведе до тоа да чувствувате проблеми со дишењето, неконтролирано потење, замор, кашлица, чести настинки и грипови, алергии и астма…
Додека, пак, болестите на белите дробови може да бидат причина за тоа што често паѓате во депресија и постојано плачете.
Гнев, фрустрација, раздразливост
Гневот и агресијата ви го оштетуваат црниот дроб. Со оглед на тоа што црниот дроб извршува над 500 функции во човечкото тело, при што тој го помага метаболизмот, имунитетот и го чисти организмот од токсичните материи, здравствените проблеми што ќе ги почувствувате се најразновидни.
Кога емоциите ви влијаат врз црниот дроб веднаш може да почувствувате отекување на градите, менструални болки, главоболки, вртоглавици, суви и црвени очи и други проблеми со видот, како и болки во мускулите и тетивите.
Обратно, пак, проблемите во црниот дроб може да предизвикаат избувливост и ненадеен гнев.
Безнадежност, очај
Овие силни емоции може да доведат до проблеми со срцето, кое е одговорно за нормалниот проток на крвта во организмот.
Затоа, може да се јават нерегуларни срцебиења, проблеми со бессоница, кошмари, нарушена меморија.
Спротивно на тоа, пак, проблемите со срцето може да бидат причина за голем број психолошки нарушувања.
Страв, анксиозност
Оваа емоција најсилно ги погодува бубрезите, кои се задолжени за исфрлање на вишокот течности во организмот.
Симптоми на нарушено работење на бубрезите се зачестени (или нередовни) мокрења, ноќни потења, сува уста, проблеми со меморијата, болка во долниот предел на ’рбетот, зуење во ушите, проблеми со слухот.
Исто така, тие може да предизвикаат и предвремено белеење на косата, загуба на коса и остеопороза.
Обратно, проблемите со бубрезите може да бидат причина за неконтролираните емоции и нарушувања на менталното здравје.
Б. С. Б. | Црнобело / фото:freepik.com