Суптилни знаци дека некоја сакана личност е пред нервен слом (и треба да ѝ помогнете)
Чувствува параноја, има проблеми на работа или на училиште и, генерално, се однесува поразлично, без навидум никаква причина.
Иако нервниот слом не е карактеризиран како ментално заболување и нема официјална дијагноза, сепак постои.
Нервниот слом претставува период на интензивни чувства на вознемиреност, депресија, анксиозност, стрес и слично, кои можат да го попречат секојдневното функционирање.
Постојат разни причини за појава на нервен слом, од големи животни промени и изложеност на многу стрес, до прикриени ментални заболувања, како депресија.
Бидејќи се случува одеднаш, неретко луѓето не можат да забележат дека нивните сакани се пред нервен слом.
Но, постојат некои знаци кои можат да бидат показател.
Како да познаете дали некоја сакана личност е пред нервен слом:
Чести и нагли промени во расположението
Ако честопати се случува личноста да биде среќна, а потоа нагло и драстично да го промени расположението, можно е да е пред нервен слом.
Наглите промени во расположението се чести кај луѓе кои се изложени на многу стрес и некогаш овие промени можат да бидат предизвикани и од безначајни работи.
Нагли промени во апетитот и спиењето
Ако забележите дека саканата личност спие помалку или повеќе и има промени во апетитот без некоја причина, и ова може да биде знак дека е пред нервен слом.
Генерално, проблемите со менталното здравје се одразуваат на апетитот и на сонот.
Проблеми со сеќавањето
На сите ни се случува понекогаш да заборавиме нешто и ова е сосема нормално.
Сепак, ако некој е пред нервен слом, може почесто да се соочува со ова и да заборава и најобични работи, како да отиде до продавница или да ги измие садовите.
Проблемите со менталното здравје негативно се одразуваат и врз меморијата.
Изолирање
Доста често, изолирањето од саканите е знак за некаков проблем со менталното здравје.
Сосема во ред е некој повремено да сака да биде сам, но ако одеднаш почне да се повлекува и да ги избегнува сите, можеби има некаков проблем.
Чувствителност на одредени звуци
Луѓето кои се изложени на многу стрес се лесно раздразливи и можат да бидат почувствителни на одредени звуци.
Може да им пречи звукот на водата од чешмата, звукот на автомобилите што претходно не го забележувале, телевизорот…
Некои луѓе природно се почувствителни на звуци, но ако ова се појави одеднаш, можеби саканата личност има проблем.
Изгубен допир со реалноста
Кога некој е изложен на многу стрес, можно е да се чувствува „исклучено“ од реалноста.
Односно, често да мечтае и како да не е свесен што се случува околу него.
Одвреме-навреме на сите ни се случува да ни залутаат мислите.
Но, доколку го забележувате ова сè почесто кај некоја сакана личност, разговарајте со неа.
Неразумно размислување
Нормално е некогаш да бидеме неразумни бидејќи сепак сме само луѓе.
Но, ако блиската личност сè почесто кажува нелогични работи или прави нешто непромислено и неразумно, постои можност да е пред нервен слом.
Чувство на параноја
Еден од суптилните знаци за нервен слом е чувството на параноја.
Луѓето може да чувствуваат нерационален страв кој ги прави параноични и тешко им е да разграничат што е реално, а што е само во нивната глава.
Паранојата е почеста кај луѓе кои претрпеле некаква траума.
Намален перформанс на работа или на училиште
Ако саканата личност покажува послаби резултати на работа или на училиште, без навидум никаква причина, тоа дефинитивно е знак дека се соочува со проблем.
Стресот има влијание врз концентрацијата, но може да го намали и интересот за многу работи, вклучувајќи го и професионалниот или академскиот напредок.
Неретко, нервниот слом може да е предизвикан и од многу стресна околина на работа или на училиште.
Чудно однесување
Генерално, наглите промени во однесувањето на личноста, вклучително и оние кои не се спомнати на листата, можат да бидат знак за некаков проблем.
Ако забележите дека саканата личност се однесува поразлично, а нема конкретна причина за тоа, разговарајте со неа и понудете ѝ помош.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





