Што ќе се случи ако секоја вечер спиете помалку од 7 часа?
Дебелеење, но и проблеми со кожата, како акни и црвенило – со што сè ќе се соочите ако подолг период спиете помалку од седум часа навечер?
Квалитетниот сон е неопходен за целокупното здравје – и физичко, и ментално – иако денес многу луѓе имаат навика да го жртвуваат спиењето.
Спиењето има влијание врз буквално сè, вклучувајќи ги метаболизмот, функцијата на мозокот, па и расположението.
Часовите сон што ни се потребни варираат во зависност од возраста.
Новороденчињата треба да спијат најмногу, и повеќе од 12 часа, додека за возрасните потребни се најмалку седум часа сон.
Доколку долг период не спиете доволно, кога-тогаш ќе се соочите со низа проблеми.
Дел од неочекуваните проблеми кои може да се појават:
Хормонални промени
Кога не спиете доволно, се нарушува хормоналната рамнотежа во телото.
Во овој случај телото лачи повеќе кортизол, познат и како стрес хормон, што може да предизвика разни проблеми во организмот.
Се менува количеството и на други хормони кои контролираат разни функции во организмот - од апетит, до расположение.
Проблеми со кожата
Високото ниво на кортизол може да го зголеми ризикот од разни кожни проблеми, како егзема, акни, црвенило…
Исто така, недостатокот од сон има влијание и врз дотокот на крв до кожата, со што се менува нејзиниот изглед.
А, сигурно и самите имате забележано кога не сте наспани, кожата ви делува уморно и бледо
Кршливи нокти
Ова е поредок симптом, но во истражување со 2.175 испитаници, околу 15% од оние кои не спиеле доволно забележале дека им се менува состојбата на ноктите, односно им станале покршливи.
Дебелеење
Веќе спомнавме дека кога не спиете доволно, се јавува хормонална нерамнотежа која, пак, влијае и врз апетитот.
Се зголемува количеството на хормонот грелин поради што ќе чувствувате глад.
Истовремено, се намалува количеството на хормонот лептин чија задача е да го регулира апетитот.
Поради ова, со недоволно сон, поверојатно е да јадете повеќе и со текот на времето да се здебелите.
Проблеми со регулирање на телесната температура
Уште еден неочекуван наод од поновите истражувања е дека недоволниот сон може да ја наруши способноста на телото да си ја регулира температурата.
Поради ова, може да забележите дека дланките и стапалата ви се постудени и да ви биде потешко да се стоплите.
Дигестивни проблеми
Сонот има влијание и врз дигестивниот систем.
Истражувањата покажале дека луѓето кои не спијат доволно почесто се соочуваат со проблеми како констипација.
Погледнете и: Што (негативно) ќе се случи со вашето тело ако спиете повеќе од 9 часа навечер?
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





