Што (негативно) ќе се случи со вашето тело ако спиете повеќе од 9 часа навечер?
Главоболките и влошените симптоми на депресија се само дел од последиците од претераното спиење.
Квалитетниот сон е клучен и за физичкото, и за менталното здравје. Сите имаат различни потреби кога станува збор за спиење, но генерално, експертите препорачуваат да спиеме барем седум часа секоја вечер.
Но од друга страна, не треба и да се претерува со спиење бидејќи се јавуваат бројни негативни последици. Односно, не би требало да спиете повеќе од девет часа ако не сакате да ги почувствувате негативните ефекти.
Што ќе се случи ако спиете повеќе отколку што треба?
Ќе се чувствувате изморено
Можеби и самите сте забележале дека кога спиете повеќе од потребното, цел ден се чувствувате летаргично.
Според експертите, многу долгиот сон го намалува нивото на енергија. Ако спиете многу, го нарушувате природниот ритам на телото, а со тоа го зголемувате заморот.
Почесто ќе имате главоболки
Ако сте склони кон главоболки, претераното спиење може само да ги влоши.
Експертите веруваат дека причината за ова е ефектот на претераното спиење врз одредени невротрансмитери во мозокот, вклучувајќи го и серотонинот. А, промените на нивото на серотонин во организмот можат да доведат до главоболка.
Можно е да ви се влошат хроничните состојби
Ако имате некоја хронична состојба, како депресија или болки во грбот, со претераното спиење можно е да ги влошите симптомите.
Самото претерано спиење најверојатно не може да предизвика депресија, но доколку го имате ова нарушување и спиете повеќе од потребното, можно е да воочите влошување на симптомите.
Исто така, имајте на ум дека самото претерано спиење може да биде симптом на депресија, па доколку не ви е дијагностицирано ова нарушување, а спиете премногу, можеби треба да се консултирате со лекар.
Кога станува збор за хронични болки, како болки во грбот, тие можат да се влошат ако спиете повеќе од девет часа навечер.
Поголема раздразливост
Кога спиете многу, нема да се чувствувате подобро, туку ќе чувствувате поголема раздразливост.
Бидејќи ќе бидете изморени и ќе страда вашата продуктивност, лесно ќе се нервирате и за најмалите ситници.
Колку сон е доволно според возраста и кои се знаците дека спиете премногу?
Новороденчињата и децата до претшколска возраст треба да спијат најмногу.
До третиот месец, бебињата треба да спијат помеѓу 14 и 17 часа, а до првата година – помеѓу 12 и 15 часа.
Децата на претшколска возраст треба да спијат околу 12 часа, а децата до 13 години – околу 10 часа.
Повеќе сон им треба и на тинејџерите, односно од 8 до 10 часа.
За возрасните, оптималното време на спиење е помеѓу 7 и 9 часа, додека лицата постари од 65 години препорачливо е да спијат 7-8 часа.
Во зависност од здравствената состојба и нивото на физичка активност, можеби ви требаат повеќе часови сон, а во овој случај најдобро е да се консултирате со лекар.
Ако забележите некој од следниве симптоми, тоа е знак дека можеби спиете повеќе од потребното:
- Намалена продуктивност
- Намалено ниво на енергија преку ден
- Симптоми на анксиозност
- Проблеми со меморијата
- Екстремен замор
- Поспаност
Спирова С. | Црнобело