10 трикови со кои брзо ќе ја смирите анксиозноста, според психолог
Потпевнувајте некоја мелодија или нежно масирајте ја вилицата за да ги релаксирате мускулите во оваа област.
Анксиозноста е проблем со кој се соочуваат многумина, а симптомите можат да се јават во кое било време.
Кирен Шнак од Британија е клинички психолог која на ТикТок честопати споделува совети за менталното здравје.
Во едно од нејзините попопуларни видеа, д-р Кирен открива како можете брзо да ја смирите анксиозноста.
Секако, ако имате проблем со анксиозност секогаш е добро да се консултирате со професионалец.
Но, во миговите кога ви треба побрзо решение, можеби ќе ви се најдат советите на докторката.
Како брзо да ја смирите анксиозност?
Прегрнете се
Прегратките имаат позитивно влијание врз менталното здравје, дури и ако се прегрнеме самите.
Докторката советува да се прегрнете цврсто, но нежно и да останете во оваа положба околу една минута.
Потпевнувајте
Неколку минути потпевнувајте си некоја песна, или само еден тон.
Според истражување од 2023-та, потпевнувањето создава вибрации кои го стимулираат таканаречениот нерв луталник кој, пак, има улога во регулирањето на расположението.
Одбројвувајте од 100
Во моментите кога анксиозноста ви е изразена, почнете да одбројувате од 100, па и 150.
Ова ќе ви помогне да си го оттргнете фокусот од она што во моментот ви предизвикува симптоми на анксиозност.
Масирајте ја вилицата
Можеби сте забележале дека кога сте анксиозни, вилицата ви е стегната.
Нежната масажа на оваа област ќе ви помогне да ги релаксирате мускулите и малку да се пуштите.
Направете три сета од некоја вежба
Три сета од десет скокови, три сета од едноминутно трчање во место или некоја друга слична вежба ќе го стимулира лачењето ендорфини.
Ова се хормони кои го подобруваат расположението, па можат да ви помогнат да ја регулирате анксиозноста.
Дишете бавно и длабоко
Вдишувајте низ носот броејќи до пет, држете го воздухот додека броите до пет, па издишувајте борејќи до седум.
Важно е издишувањето секогаш да биде подолго.
Измијте го лицето со ладна вода
И ладната вода го стимулира нервот луталник, па ако го измиете лицето, полесно ќе си го одвлечете вниманието и колку-толку ќе ја смирите анксиозноста.
Повторувајте си некоја мантра
Во себе или со шепот повторувајте си мантра што ве смирува.
На пример, можете да повторувате: „Смирен/а сум, лошото чувство ќе помине“.
Свесно релаксирајте ги сите мускули
Легнете или седнете удобно и фокусирајте се на една мускулна група.
Можете да почнете од стапалата и нозете – насочете го фокусот кон овој дел од телото и свесно опуштете ги мускулите.
Потоа постепено движете го фокусот нагоре, кон мускулите на задникот, па на стомакот, на рацете и рамената, на вратот, на лицето.
Овој трик може да ви помогне и ако не можете да заспиете.
Замислете дека сте на место што ве смирува
Визуализацијата може да биде моќна алатка во справувањето со проблемите со менталното здравје.
Д-р Кирен советува да си замислите дека сте на место каде што се чувствувате смирено и среќно.
Ова може да биде на плажа, во шума, па и вашиот дом.
И, обрнувајте внимание на што е можно повеќе детали во вашата визуализација – што гледате околу вас, што би можеле да допрете, да слушнете, да помирисате…
Спирова С. | Црнобело