Отечено лице, влакна на градите и стомакот: Симптоми на Кушингов синдром (и зошто се јавува)
Еден од симптомите на Кушингов синдром е отечено лице, а актерката Ејми Шумер која го има синдромот, вели дека токму коментарите за нејзиното лице ја натерале да оди на лекар.
Во февруари минатата година, актерката Ејми Шумер откри дека има Кушингов синдром.
Неодамна, пак, изјави дека отишла на лекар поради злобните коментари што ги добивала онлајн.
Вo 2019-та Еми роди син, а поради бременоста качи некој килограм што е сосема нормално. Но, лицето на актерката беше многу отечено и не соодветствуваше на нејзините килограми.
Поради ова, многу фанови изразија загиженост, но од друга страна, имаше и многу злобни коментари со шеги на сметка на изгледот на нејзиното лице.
Во интервју од јануари годинава, таа вели дека мислела дека лицето уште ѝ е потечено од бременоста и лековите што ги примала потоа.
Но, злобните коментари ја натерале да оди на лекар каде што била дијагностицирана со болеста.
А, еден од симптомите е токму отечено лице, како на Ејми.
Што точно претставува болеста и што би требало да знаете за неа?
Што е Кушингов синдром?
Кушингов синдром е ретко нарушување кое се јавува кога во телото има преголеми количество од хормонот кортизол.
Кортизолот е нарекуван и „стрес хормон“ бидејќи се лачи во поголемо количество кога сме под стрес.
Во организмот, кортизолот:
- Го забрзува пулсот
- Го зголемува крвниот притисок
- Има влијание врз шеќерот во крвта
- Ја зголемува мускулната напнатост
Кои се симптомите на синдромот?
Покрај отечено лице, како кај Ејми Шумер, синдромот предизвикува и други симптоми, вклучувајќи:
- Таложење повеќе маси во стомакот, задниот дел од вратот и градите
- Бавно заздравување на раните и честа појава на модринки
- Висок крвен притисок
- Зголемен раст на влакна, особено во областа на лицето, вратот, градите, стомакот
- Дијабетес
- Чувство на замор
- Промени во либидото
- Појава на големи виолетови стрии во областа на стомакот
Што ја предизвикува појавата на Кушингов синдром?
Веќе спомнавме дека зголеменото ниво на кортизол е главната причина за Кушингов синдром.
Нивото на кортизол, пак, може да се зголеми од неколку фактори:
- Одредена група лекови, како терапии за автоимуни болести
- Тумор на хипофизата
- Тумори на белите дробови, панкреасот или тироидната жлезда
- Лекови со стероиди
Колку е чест синдромот и има ли лек?
Синдромот е релативно ретка појава – на пример, во САД годишно се дијагностицираат 10-тина нови случаи на еден милион луѓе.
Третирањето на синдромот зависи од причината, односно факторот што предизвикува зголемено лачење на кортизол во организмот.
Доколку причината е некаков тумор, може да се направи операција или лекарот да предложи радијација.
На некои пациенти им се даваат и лекови кои го регулираат нивото на кортизол.
Со правилен третман, синдромот може да се повлече по два до 18 месеци.
Важно е да знаете дека не можете сами да си ја дијагностицирате болеста, ниту да пробувате да се излечете „на своја рака“.
Ако забележувате симптоми и сте загрижени, задолжително консултирајте се со вашиот лекар.
Доколку го имате синдромот, не ги заборавајте редовните прегледи со цел лекарот да утврди дали состојбата ви се подобрува.
Спирова С. | Црнобело