8 симптоми на аутизам кај возрасни, според експерти
Аутизмот може да се дијагностицира на секоја возраст, па добро е да ги знаете симптомите и да побарате помош доколку имате потреба.
Аутизмот е невролошкото и развојно нарушување кое има влијание врз интеракцијата со другите, комуникацијата, учењето и однесувањето.
Свесноста за аутизмот се зголеми изминативе неколку години, но сè уште постои верување дека се дијагностицира само кај деца, односно во првите две години од животот.
Сепак, дијагнозата може да се постави и кај возрасна личност.
А, бидејќи до неодамна не се ни зборуваше за нарушувањето, експертите истакнуваат дека има бројни возрасни луѓе кои никогаш не добиле дијагноза, а со тоа и соодветен третман.
Дури и луѓето кои чувствуваат дека се поразлични, наместо да се консултираат со експерт, пробуваат да се адаптираат на светот околу нив, а ова не е секогаш едноставно ако станува збор за аутизам.
Па, кои се симптомите на аутизам кај возрасни, според психијатри?
Чувство дека се поразлични од другите
Неретко возрасните со аутизам се чувствуваат како да се поразлични од сите околу нив и како да не припаѓаат во ниту една група.
Важно е да се нагласи дека е нормално повремено да се чувствувате како „аутсајдер“.
Кај лицата со аутизам, ова чувство е постојано, во скоро секоја ситуација и во скоро сечие друштво.
Проблеми со невербална комуникација
Обично, на луѓето со аутизам, невербалната комуникација не им оди најдобро.
Односно, не знаат колку долго треба да гледаат некој во очи, кога да се насмевнат за време на разговор и слично.
Со текот на времето можеби ќе ги научат овие работи, но секогаш се чувствуваат несигурно како да се однесуваат.
Комплициран однос со другите
Покрај комплицираниот однос со пријателите и семејството, и романтичните врски можат да бидат тешки за лицата со аутизам.
Можно е да имаат неколку неуспешни романтични врски за кои не им е јасно зошто завршиле.
Различна чувствителност на дразби
Кај лицата со аутизам може да се јави преголема чувствителност на звуци или, пак, светло.
На пример, може постојано да бидат свесни за звукот што го прави часовникот во нивната соба или нешто слично.
Некогаш, пак, може да не реагираат воопшто на силни звуци или силно светло.
Желба за рутина
Има многу луѓе кои сакаат рутина, и ова не секогаш е знак за аутизам.
Но, ако личноста не може да функционира без некоја рутина, па дури и чувствува симптоми како анксиозност, можеби станува збор за аутизам.
Важно е да се напомни дека оваа рутина не мора да се однесува на дневен распоред на обврски. Можат да бидат и мали ритуали, како пиење вода од одредена чаша наутро.
Желба за самотија
Самотијата е нешто што повремено треба да го искусиме сите бидејќи ни годи.
Сепак, за лицата со аутизам, надворешниот свет може да биде премногу напорен и заморувачки.
Поради ова, многу повеќе сакаат кога се сами.
Секако, и интровертите се луѓе кои уживаат во самотијата, што значи само овој симптом не мора да значи дека станува збор за аутизам.
„Хиперфокусирање“ на работи што ги интересираат
Лицата со аутизам можат да станат опседнати со работите што ги интересираат и да пробуваат да ги поврзат со секој аспект од животот.
На пример, ако се опседнати со некоја серија, ќе бараат начин да зборуваат за неа дури и кога не е соодветно.
Сите може да се опседнат со нешто, но обично за луѓето кои немаат аутизам, тоа нешто не станува центар на нивниот свет.
Избегнуваат „празни“ разговори
Едноставните разговори кои не вклучуваат сериозни теми се нешто што го прават сите, секојдневно.
Сепак, за луѓето со аутизам овие разговори можат да бидат заморни и бараат начин да ги избегнат.
За нив, овие разговори можат да изгледаат навистина безначајно и многу повеќе сакаат да разговараат за длабоки теми.
Што ако забележувате некој од овие симптоми?
Најпрво, никако не треба сами да си поставувате дијагноза бидејќи горенаведените симптоми не се сигурен знак за аутизам – некои можат да се јават и кај луѓе без никакво нарушување и да бидат само дел од нивниот карактер.
Ако сепак ги забележувате симптомите и се сомневате, консултирајте се со психолог или психијатар.
Низ разговор, тој ќе утврди што точно е вашиот проблем и ќе може да ви даде насоки и соодветна терапија или третман.
Спирова С. | Црнобело