Дали смееме да се бањаме во море со тампон, според српски гинеколог
„Подобро е да не се бањате неколку денови, отколку да се бањате со тампони“ – вели српскиот гинеколог Вања Милошевиќ. Кое е неговото објаснување на оваа тема?
Српскиот гинеколог Вања Милошевиќ честопати е гостин во српските медиуми, каде зборува за проблемите поврзани со половото здравје.
Овојпат, одговорајќи на прашања за порталот Mondo.rs тој зборуваше за тоа како треба да го заштитите сопственото здравје додека сте на плажа, но и дали е препорачливо да се носат тампони, ако случајно одморот ви се поклопи со оние денови во месецот.
Како што вели тој, во летните месеци значително е зголемен бројот на жени што се жалат на бактериски и габични инфекции.
„Препораката е пред заминување на одмор да се направи редовен гинеколошки преглед, независно од годишното доба“ – вели тој и напомнува дека е добро двапати годишно да се прават гинеколошки прегледи кои подразбираат земање примерок од вагиналниот секрет и да се направи цервикален брис.
Иако честопати постои уверување дека бањањето во оние денови со помош на хигиенски тампон не е опасно и е сосема нормално, гинекологот вели дека тоа не се препорачува.
Докторот Милошевќ даде и појаснување зошто девојките и жените треба да избегнуваат да користат тампони на одмор.
„Бањањето во море е лековито заради количеството јод. Треба да се избегнува бањање со тампоните, затоа што тие ја задржуваат влажноста на погрешен начин (апсорбираат дел од водата) и вагината не се чисти природно.
Јодот е една од најлековитите состојки што ги користиме во медицината и без него ниту една операциона сала не може да функционира.
Во морето го има во природен облик, но не можете да го искористите затоа што се бањате со менструација.
Подобро е да не се бањате неколку денови, отколку да се бањате со тампон“ – вели тој.
Неговиот апел е девојките и жените ако забележат какви било промени во вагиналниот исцедок или, пак, забележат симптоми што укажуваат на воспаление, веднаш да се јават кај лекар и да направат тестирања, а не да земаат лекови и вагиналети на своја рака.
Инаку, според светските медицински списанија, пливањето со тампони се смета за безбедно, но се препорачува редовна замена на тампоните, веднаш штом ќе излезете од вода и да се води максимална сметка на хигиената и грижата за половото здравје.
Б. С. Б. | Црнобело