Симптоми кои укажуваат на недостиг на витамин Ц и како да се справите со овој проблем, според експерти
Постојат 2 начини за зголемување на нивото на витамин Ц во крвта, но внимавајте да не се предозирате бидејќи и прекумерното земање од овој витамин носи последици.
Недостатокот на некој витамин никако не е за занемарување, но најмногу внимание треба да се обрне на витаминот Ц.
Витаминот Ц делува на подобрување на здравјето на нашата кожа, го зајакнува имунитетот, го подобрува и метаболизмот и носи уште многу бенефити.
Докторката и основач на Health Meets Wellness, Елизбет Шарп и директорката на Службата за амбулантска исхрана во болницата „Маунт Синај“, Саманта Дејарес, за американски „Vogue“ открија кои се знаците кои укажуваат на недостиг на витамин Ц, со цел навреме да преземете мерки кои ќе спречат можни здравствени проблеми.
Тие дадоа и свој совет на кој начин да го зголемите нивото на витаминот Ц во крвта преку исхрана.
Зошто витаминот Ц е добар за вас?
Д-р Шарп истакна дека витаминот Ц е витамин растворлив во вода и најмногу го има во цитрусното овошје, зрнестото овошје и некои зеленчуци.
„Витаминот Ц е антиоксиданс кој има антиинфламаторно дејство, помага во заздравувањето на раните, го штити интегритетот на кожата и го подобрува апсорбирањето на железото“, вели д-р Шарп.
„Овој витамин е неопходен е за производство и одржување на колагенот, 'рскавицата, тетивите, лигаментите и крвните садови.
Ја подобрува функцијата на имунолошкиот систем, помагајќи му на телото да се бори против инфекциите".
Кои се симптомите кои укажуваат на недостиг на витамин Ц?
Дејарес и д-р Шарп ги наведоа следниве симптоми кои може да укажуваат на ниско ниво на витамин Ц во крвта:
- Крвавење на непцата (гингивитис);
- Губење на забите;
- Замор;
- Слабеење;
- Болки во зглобовите;
- Тешко заздравување на раните;
- Сува уста;
- Лош раст на коските кај децата;
- Сува и кршлива коса;
- Жолта боја (пигментација) на кожата;
- Лесно создавање на модринки;
- Отекување на фоликулите на косата.
Пушачите, луѓето кои имаат гастроинтестинални заболувања или канцер се ризичната група на луѓе кај кои може да се јави недостиг на витаминот Ц.
Но, добрата вест е дека штом ќе се дијагностицира, може да се лекува.
Како да го зголемите нивото на витамин Ц?
Најдобар начин да постигнете успешни резултати е исхрната.
Д-р Шарп препорачува да вклучите свежо овошје и зеленчук богати со витамин Ц во вашите оброци, како што се: грејпфрут, портокал, лимон, лимета, црвени пиперки и брокула.
Дејарес смета дека витаминот Ц најдобро се апсорбира преку исхраната.
Друга опција е консумирањето суплементи, но мора да внимавате кои ги консумирате, бидејќи не се сите ефикасни.
Симптоми на предозираност со витамин Ц:
„Прекумерната количина на витамин Ц во крвта може да доведе до мачнини, повраќање, дијареја, киселини, грчеви во стомакот и надуеност“, вели Дејарес.
Како и со сите други здравствени проблеми, така и оваа состојба бара посета на лекар.
Ако чувствувате слични симптоми или имате општи прашања за витаминот Ц, посетете лекар за да добиете соодветна дијагноза и да ви помогне да дојдете до безбеден план за надополнување на витаминот во крвта.
С. Ш. | Црнобело / фото: freepik.com