Вие прашувате, психолог одговара: „Положив за кола пред 18 години, но сè уште ми е страв да возам“
На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт.
Прашањата за психолозите може да ни ги испраќате на нашиот мејл Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. – истите треба да бидат концизни и со кирилична поддршка.
Прашање од читател:
„Имам положено за кола пред 18 години. Но, не сум возела, можеби само 3-4 пати. Решив да почнам конечно да возам, зедов и некој час, почнав по малку.
Беше подобро отколку што очекував, бидејќи изминало толку време, но тоа ми правеше толкав стрес и ми предизвика толкав страв, ми се наруши сонот, што еве веќе неколку месеци не можам ни да влезам во кола.
Ми треба совет како да го совладам стравот и да возам, бидејќи ситуацијата ми е таква, со обврски кои ми е тешко без кола да ги извршувам“.
Одговор од психолог Ана Тодоровска:
Сосема е разбирливо да се чувствувате под стрес по толку долга пауза, а возењето е вештина која бара координација, за што е потребно време додека телото направи координација, меморија и стекнување на навика за возење.
Би ви препорачала да размислите за следните предлози:
- Размислете кои се очекувањата кои ги поставувате од себе. Дали и колку вашите очекувања за совладување на вештината возење се реални во однос на временскиот рок кој си го поставувате? Колку имате трпение за себе во овој процес?
- Обидете се постепено да се изложувате на стресорот, односно оваа голема задача да ја поделите на помали чекори кои за вас во моментот не звучат застрашувачки. На пример, започнете со гледање видеа околу правилата за возење, одново прочитајте и потсетете се за правилата во сообраќајот, направете си белешки кои ќе ги повторувате.
Потоа, одлучете на колку време ви е потребно и удобно да земате дополнителни часови – на пример еднаш неделно. Осигурајте се дека инструкторот е извор на поддршка во процесот, наместо стресор. Имате право да го промените инструкторот или авто-школата.
- Споделете ги вашите грижи со лице на кое му верувате. Договорете се за возења на кратки релации, со нивно присуство и поддршка на места кои имаат смирен или редок сообраќај или надвор од метеж, со цел постепено да почнете да се чувствувате удобно во автомобилот. Потоа, пробувајте постепено да се приклучувате во сообраќај во време со намален метеж.
- Запишете ги малите внатрешни победи. Кој чекор успеавте да го преземете денес? Поставувањето на ова прашање е еден таков чекор.
- Во моментот на појава на стресот, обидете се да бидете свесни за вашето доживување и само набљудувајте што се случува, која е телесната сензација и на кои места се јавува. Обидете се да пропуштите доживувањето само да протече низ вас. Во овој момент дишете длабоко.
Доколку и покрај овие постапки чувствувате преплавувачки страв и блокада, препорачувам да закажете сесија за психолошка поддршка со психолог/психотерапевт.
Побарајте бесплатна консултација или закажете сесија со Ана Тодоровска, дипл. психолог ТУКА.
Разговарајте со лиценциран психолог и надминете ги предизвиците.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
фото: приватна архива / depositphotos.com