Вие прашувате, психолог одговара: „Имам 22 години и не сум сигурна во својата сексуална ориентација“

На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт.

Прашањата за психолозите може да ни ги испраќате на нашиот мејл Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. – истите треба да бидат концизни и со кирилична поддршка.

vie-prashuvate-psiholog-odgovara-imam-22-godini-i-ne-sum-sigurna-vo-svojata-seksualna-orientacija-001.jpg

Прашање од читател:

„Имам 22 години и не сум сигурна за својата сексуална ориентација. Честопати ме привлекуваат девојки повеќе од момчиња.

Како да се соочам со ова, како да соопштам на блиските и родителите? Не би сакала да живеам во лага...“

Одговор од психолог, Нина Тасевска:

Периодот на адолесценција, како и дел од периодот на млади возрасни, до 25-та година, носи многу дилеми и предизвици во однос на донесување одлуки, согледување на придобивки и последици од нашите постапки, најмногу поради нецелосната зрелост на мозокот до овој период.

Оттаму се и нејаснотиите, прашањата и дилемите кај младите луѓе на кои не можат јасно да си одговорат – Кој сум јас? Дали одам во вистински правец во животот? Дали моите одлуки и избори се правилни?

Вообичаено е да се прашувате, а понекогаш и да се грижите и за вашите сексуални чувства.

Дали ме привлекуваат партнери од ист или различен пол или можеби и двете? Како да знам дека сум лезбијка – и дали е тоа нормално? Ова се дел од најчестите дилеми и прашања поврзани со сексуалниот идентитет.

Дали е нормално да се сомневам во мојата сексуална ориентација?

Научниците не ја знаат точната причина за сексуалната ориентација, но тие теоретизираат дека таа е предизвикана од сложена интеракција на генетски, хормонални и еколошки влијанија.

Има многу ресурси кои ќе ви помогнат да ја разберете вашата ориентација, од организации посветени на оваа проблематика, телефонски линии кои нудат помош за какви било прашања што можеби ги имате, па сè до можеби најважната и најкорисната – работа со психолог или терапевт.

Работата со психолог/терапевт дава поширока призма на проблемот – мора да се расчисти преку себеистражување, работа на себе, дали овој фокус е погрешно поставен, односно дали збунетоста, дилемата за тоа која е мојата сексуална ориентација е одраз на нерешено самосомневање или самоотуѓување, па прашањето за сексуалната ориентација е само „поле за игра“ на кое се решаваат вашите прашања за вина, збунетост и неодлучност или сепак се работи само за откривање, зреење на вашиот сексуален идентитет.

Во секој случај, од некаде мора да тргнете – направете ги следниве чекори кои ќе ви помогнат да ја истражите вашата сексуалност:

1. Поставете си прашања поврзани со привлечноста кон партнери од ист/различен пол.

2. Разговарајте со луѓе кои ве поддржуваат

3. Истражувајте валидни ресурси

4. Разговарајте со психолог/терапевт кој стручно и безбедно ќе ве води низ процесот на себеоткривање и себеувиди.

За жал, нашето општество може да направи да се чувствува дека неизвесноста за нашиот сексуален идентитет е проблем и да постави очекувања од нас да бидеме определени уште пред да знаеме како вистински се чувствуваме.

Но, не постои правилен или погрешен начин како треба да се чувствувате додека поминувате низ овој процес.

Оттука произлегува и оправданоста на вашиот страв – Како да признаам, кому да кажам, како ќе сум прифатен/а кои ќе се последиците по моето функционирање потоа?

Тоа произлегува од стигматизацијата и етикетирањето од средината, што резултира со таење, криење на сексуалната определба од блиските и вплеткување во магичен круг на лаги, што потоа предизвикува и прави други психолошки замки и проблеми – стрес, анксиозност, депримираност, па работата на себе се комплицира и продлабочува.

Дали треба да кажам, како, кому да кажам?

Споделувањето е процес, пред сè, на прифаќање на вашата сексуалност, што значи дека во моментот кога се чувствувам сигурен во себе и своите чувства, мисли, одлуки, тогаш ќе бидам подготвени и одлучен да споделам со саканите, блиските. За почеток, споделете само со оние кои ви се навистина блиски.

Самодовербата, себељубовта и прифаќањето на себеси такви какви што сме нѝ дава полет и сила да се презентираме пред светот и на крајот да бидеме подготвени на секаква реакција, која можеби ќе биде болна, тешка, несакана, но издржлива бидејќи сме расчистиле веќе со себе.

Значи, најважно е да знаете дека во моментот кога знаете што сте, кои сте и што сакате се чувствувате помирни, посреќни и посигурни да се соочите и справите со секаков предизвик.

Тоа е внатрешно чувство кое ќе ви покаже дали и кога е време за следни чекори.

Побарајте бесплатна консултација или закажете сесија со Нина Тасевска, дипл. психолог ТУКА.

Разговарајте со лиценциран психолог и надминете ги предизвиците.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

фото: приватна архива / depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Вие прашувате, психолог одговара: „Како да разговарам со ќерката која е во пубертет за дрога, секс и... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Вие прашувате, психолог одговара: „Немам желба да правам ништо, дали страдам од депресија?“ На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Вие прашувате, психолог одговара: „Не можам да заборавам смрт на близок и да почнам да учам за испит... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Положби на спиење кои помагаат при разни проблеми со здравјето Ако имате проблеми со дигестивниот систем, како киселини, најдобро е да спиете с...
Вие прашувате, психолог одговара: „Страв ми е да летам со авион, мислам дека ќе добијам паничен напа... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Влакна на грбот кај жени: Зошто се јавуваат и како е најдобро да ги отстраните? Многу жени се соочуваат со несакани влакна на делови од телото како лице, стомак...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg