„Испробав 5 популарни трикови за исполнети усни без филери – што функционира, а што не?“
„Беше тешко да ја чувам мешавината од чили во прав и маслиново масло на усните околу 5 минути, но не беше невозможно. По бришењето усните ми станаа розови и поиспакнати“ – тврди новинарката која на себе испроба некои од популарните техники за исполнети усни без филери.
Голем број жени што сакаат исполнети усни се одлучуваат за ставање на филери, а има и такви што тврдат дека сличен ефект постигнуваат и со природни препарати.
Новинарката Јасмин Хариша испробала некои од најпопуларните трикови, а своите искуства ги споделува во текст објавен во весникот The Sun.
Таа на себе испроба некои од најпопуларните трикови на ТикТок, па погледнете кои се нејзините впечатоци:
Масло од пеперминт
Се смета дека ова масло може да ви помогне да се справите со испуканите усни, а девојките на ТикТок тврдат дека од него усните им стануваат поисполнети.
Со прстот се нанесува поголема количина есенцијално масло од пеперминт и се остава да се впие и остатокот не се брише.
„Лесно се нанесува и веднаш штом го нанесов почувствував дејство. Се исуши мошне брзо и усните веднаш ми беа истакнати. Само очекувајте дека има силен мирис и може да ви насолзат очите, но ќе мирисате на пеперминт и тоа е добро“ – вели Јасмин.
Пилинг со шеќер
Пилингот со шеќер е мошне популарен затоа што ги остранува мртвите клетки и ја зајакнува циркулацијата, па затоа усните изгледаат поисполнето.
Се мешаат 2 лажици шеќер, 1 лажица маслиново масло и 1-2 капки од вашето омилено есенцијално масло.
Смесата се меша и потоа со неа и со стапче со памук се стругаат усните.
„Ова повеќе наликува на десерт. Има добар вкус, усните стануваат помеки, но тоа е тоа. Усните навистина изгледаат повеќе розови од вообичаено, но тоа е повеќе од триењето што треба да трае околу 10 минути“ – вели таа.
Чили во прав и маслиново масло
Една лажица маслиново масло се меша со чили во прав. На усните се нанесува со малку памук и се остава да стои околу 5 минути, а потоа се брише.
„Беше тешко да ја чувам мешавината на усните околу 5 минути, но не беше невозможно. По бришењето усните ми станаа розови и поиспакнати.
Ова е одлично, но мора да внимавате да не лижнете од смесата, затоа што е многу лута“ – вели таа.
Цимет
Во мал сад се меша 1 лажица цимет во прав со 2 лажици маслиново масло за да направите паста. Потоа се додава по малку масло се додека не се разреди пастата и не се добие смеса што лесно можете да ја нанесете на усните со стапче со памук.
„Искрено, не верував дека ќе има ефект, но пријатно сум изненадена. Откако ги стругав усните со мешавината околу 1 минута, тие почнаа да изгледаат поистакнати, како да имав трајна шминка.
Лесно е за подготовка и воопшто не боли“ – вели таа.
Капаче од шише
Овој трик стана популарен благодарение на Кајли Џенер, а за него потребно ви е само капаче од шише што се става на средината на усните.
Идејата е да се вшмука целиот воздух од капачето и да го „залепите за усните“, а потоа да го држите така сѐ додека не добиете поистакната уста.
„Откако го држев капачето на устата околу половина минута, усните ми станаа двојно поголеми од вообичаено. Но, мора да внимавате затоа што на овој начин може да се здобиете со повреди, модринки или оштетена кожа.
Не смеете да го вшмукувате воздухот премногу силно, ниту премногу долго“ – вели таа.
Б. С. Б. | Црнобело