Мери Бајрамовска за стилот и убавината: „Сама си правам маски за лице, јадам сè умерено - не се откажувам од малите задоволства“
„Сметам дека тајната на убавината не е во скапите козметички препарати, туку во хранливи и здрави маски кои сами може да ги направите во својот дом од состојки во вашиот фрижидер“ - вели охриѓанката Мери Бајрамовска, мејкап артистка која ги разубавува нашите и регионални ѕвезди.
Мери Бајрамовска (45) живее и работи во Охрид, магистер е во областа на туризмот, вработена на аеродромот Св. Апостол Павле - Охрид како специјалист за обука.
Таа е и сопруга, но и мајка на две деца - 20-годишeн син и ќерка која има 14 години, а за кои вели дека ѝ се огромна поддршка и во животот и во кариерата.
Мери во јавноста е позната и како Makeup by Meri - една од најуспешните мејкап артисти кај нас, a низ нејзините раце „поминале“ бројни домашни и регионални ѕвезди кои ги разубавува пред нивните настапи во Охрид.
За себе, пак, таа вели дека е жена која има визија и стратегија да твори, создава и да ги мотивира другите луѓе.
Во разговор за CRNOBELO.com, оваа успешна и негувана дама ни раскажа и за своите секојдневни ритуали за убавина, за стилот но и како ја одржува линијата:
Стил на облекување
Веројатно мојот стил на облекување подобро и поточно би го издефинирал некој друг.
Она што јас можам да го ставам во опис е тренди, понекогаш спонтан, опуштен и во склад со приликите - од костум за деловни настани до гламурозни реации за гала настани.
Сакам и елегантни и спортски парчиња. Гардеробата за да ја купам треба да ми се допаѓа, но за да ја носм треба да знам да ја носам.
Немам омилени парчиња гардероба. Најважно ми е да се чувствувам удобно во неа и таа да е направена од природни материјали.
За гардеробата не е важно дали е марка или не, дали е престижен светски бренд или од домашен дизајнер, но за чевлите и чантите - да.
Најчесто пазарам тука, но имам доста гардероба и од странство.
Удобноста, сметам, е најважна при изборот на облека за патување, но нема потреба да го жртвувате стилот.
Основата на секоја облека што ја носам за на пат се едноставни парчиња облека направени од удобен материјал, па што и да облечам да изгледа кул и практично.
Никогаш не би облекла шалвари, нешто со големо лого на бренд, патика-штикла, животински принт само на марами би носела, на друго не и не би облекла светкави хеланки.
Имам повеќе омилени парчиња облека, а најомилени се фустанчињата кои ги имам, еден кожен комплет, една црвена сукња со „шљокици“ и 3-4 кошули кои стварно ми се прираснати за срце.