Мери Бајрамовска за стилот и убавината: „Сама си правам маски за лице, јадам сè умерено - не се откажувам од малите задоволства“
Нега на лицето и телото
Основите на нега на кожата за која било возраст се правилно чистење, хидратација и заштита од сонце.
Бидејќи имам зрела кожа, таа секогаш треба да се хидрира, зашто сувата кожа е повеќе склона кон брчки.
Дневната нега која обезбедува влажност е задолжителна кај мојата кожа и дефинитивно е дел од мојата рутина за нега.
Внимавам да користам производи со заштитен фактор, бидејќи истовремено нудат и мала заштита од УВ зрачење.
Серумите и лосионите против стареење можат да помогнат во ублажување на чувството на затегнатост на кожата.
Тенката кожа под очите бара посебна грижа, па затоа вреди да се користи крем за околу очи со хијалуронска киселина.
Редовните маски за лице ми помагаат да ѝ обезбедам дополнителна влажност на мојата кожа и да имам свеж тен.
Секоја жена сака да изгледа убаво, а јас сметам дека тајната на убавината не е во скапите козметички препарати, туку во хранливи и здрави маски кои сами може да ги направите во својот дом од состојки во вашиот фрижидер.
Јас користам две маски што ги правам сама.
Првата е маска за чистење на лицето - мешам половина чаша јогурт со половина чаша пченкарно брашно и четвртина чаша цеден сок од грејпфрут.
Ја оставам во фрижидер малку да се замрзне, а потоа ја нанесувам на лицето. На крај ја мијам со вода.
Втората е маска од банани и мед, која е, исто така, лесна за подготовка. Гмечам пола банана и во неа додавам една лажичка мед.
Маската ја ставам на лицето и на вратот кои се претходно навлажнети. Ја оставам да делува најмалку 15 минути, а потоа лицето го мијам со вода, нежно тапкајќи.
На крајот додавам хидрантна крема - веднаш се забележува разлика.
Начин на исхрана
Многу почнав да внимавам на исхраната. Не јадам после 19 часот, се хранам здраво, но не претерувам со забрани од типот: „Е, сега не јадам благо“.
Но, гледам да јадам во помали количини и тоа што го јадам да биде здраво. Не ги оставам задоволствата, но обично не ги јадам во преголеми количини.
Претпочитам храна богата со омега 3 масните киселини, односно различни типови риба како лосос, сардина, туна, харинга, потоа ленено семе, чиа, јадам мешунки, зелен зеленчук, авокадо, ореви.
Консумирам и многу овошје, како јагоди, малини, капини, рибизли, боровинки.
Многу сакам и темно чоколадо.
Имам повеќе омилени јадења, но бидејќи најмногу сакам риба, на врвот на листата омилени јадења ќе го ставам лососот и тоа печен лосос со рузмарин, во комбинација со многу лимон и печени компири.
И да, знам да го зготвам, и го готвам со ептен голем мерак.
Фитнес и спортски активности
Кога првпат почнав со вежбање, си мислев дека никогаш нема да успеам, бидејќи не верував во себе.
Но, подоцна сфатив дека вежбањето е она што навистина ми недостасувало.
Пред неколку години започнав со тренинзи дома кои самата си ги смислував.
Но, не видов голем ефект, па преминав во фитнес студио на аеробик и пилатес.
За помалку од една година станав личноста за која мислев дека никогаш нема да сум.
Формата, силата, целите кои секојдневно ги исполнувам, па и поставувам нови, понапорни од претходните - прават да се чувствувам убаво, здраво и исполнето.
Повеќе фотографии од Мери Бајрамовска во галеријата:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело