За сите тетки и вујковци: Како внуците да ве обожаваат?
Да се има внуци е супер. Секојпат кога ќе се роди ново бебе во семејството, највесели се тазе тетките и вујковците - тие можат да уживаат во сите убавини на родителството без притоа да се грижат за менување пелени, непроспиени ноќи и расфрлани играчки.
Сите додека сме растеле сме имале тетка или вујко кои едноставно сме ги обожувале. Благодарение на нив, ние сме пораснале во луѓето кои сме денес.
Станете вистински идол за вашиот внук со помош на овие 11 совети.
1. Слушајте
Ќе има ситуации кога на децата ќе им биде потребен совет од возрасен, но нема да се осмелат да им се обратат на родителите. Дадете им до знаење на внуците дека тие може да се потпрат на вас секојпат кога се во невоља, нека знаат дека нема да им судите за грешките.
Многу ќе им биде полесно да се отворат и да зборуваат за своите проблеми кога ќе знаат дека нема сè, од збор до збор, да им пренесете на нивните родители. Ова секако не важи ако станува збор за сериозни проблеми, тогаш ваша должност е веднаш да ги информирате родителите.
2. Почитувајте ги правилата на родителите
Доследноста е пресудна за воспитувањето на децата и затоа е многу важно да не се оддалечувате премногу од правилата на мама и тато.
Бидете подготвени да им кажете „Не“ на насолзените очи. Децата со сите сили ќе се обидат да ве предомислат, но важно е да останете силни до крај и да не потклекнете.
3. Најдете им се на родителите
Штом ќе забележите дека родителите делуваат преморено и исцрпено, понудете им ја вашата помош. Однесете ги децата да ги видат животните во зоолошката градина, поминете го целиот ден во природа или пак повикајте ги внуците на викенд кај вас.
Дајте им простор и време на родителите да се одморат и да се посветат еден на друг. Верувајте дека ќе ви бидат многу благодарни за оваа постапка.
4. Научете нови финти
Децата се многу љубопитни, постојано сакаат да прават нови и интересни работи и поради тоа, тета и вујче ќе мора да постојано да изнаоѓаат нови начини како да ги забавуваат внуците.
Дури и да не сте биле особен талент по ОТП во основно, ќе може да се снајдете со некои полесни проекти - градете им куќи на играчките, шијте им облека на куклите, цртајте на маици...
5. Купувајте им подароци, но не ги разгалувајте
Сосема е во ред да ги однесете на сладолед или да им донесете сувенир од пат, но знајте дека нема потреба да им купувате скапи подароци секој пат кога ќе отидете на гости кај внуците. Тие ве сакаат поради тоа што вие сте, а не поради работите кои им го купувате. Знајте дека вашата љубов е најубавото нешто може да им го дадете.
6. Бидете таму и за малите нешта
Лесно е да се одвои време да се присуствува на роденденска забава, но на внуците многу повеќе ќе им значи ако дојдете да ги гледате додека настапуваат на училишниот патронат. Ако вашата внука се занимава со спорт, верувајте дека ќе биде пресреќна ако отидете да навивате за нејзиниот тим.
7. Направете сите внуци да се чувствуваат посебно
Осигурете се дека сите внуци ќе се чувствуваат сакано. Особено кога имате повеќе внучиња кои бараат внимание и љубов во исто време, тешко е да им се посветите подеднакво на сите.
Најдобар начин ниедно од децата да не се почувствува изоставено е да поминете малку време насамо со секое од децата. Прашајте ги што има ново на училиште, имаат ли симпатија, што сакаат да добијат за роденден...
8. Дозволете им да се забавуваат додека јадат
Рековме дека треба да ги следите правилата на родителите, но ова правило може да го прекршите без грижа на совеста. Поканете ги децата на вечера (без родителите) и уживајте.
Децата нека го изберат менито, а вие бидете нивниот личен готвач. Сакаат да гледаат телевизија додека јадат? Слободно.
9. Никогаш не ги оговарајте родителите пред децата
Дури и да не се согласувате со некои постапки на родителите, важно е пред децата да премолчите. Наместо несакајќи да предизвикате дополнителни расправии, разговарајте со детето и дајте му совети како полесно да се справи со ситуацијата.
10. Давајте добар пример
Сакале или не, вие сте им идол на вашите внуци и поради тоа обидете се да бидете најдобриот вујко на светот. Ако правите нешто кое сакате да го скриете од децата, тогаш најверојатно не ни треба да го правите тоа.
11. Не се трудете премногу
За неколку години, кога внуците ќе станат тинејџери, може да дојде до промена во вашиот однос. Од омилениот вујко на светот, одеднаш ќе станете старомоден и „тапа“ во очите на внукот тинејџер.
Немојте да им коментирате на секој статус објавен на Фејсбук, немојте да им ги лајкувате сите слики на Инстаграм, немојте да им твитате за некои (за вас) непознати поп ѕвезди.
Немојте да се трудите да бидете модерни и во тек само за да ги импресионирате внуците. Останете таков каков што сте биле и досега, за некоја година сè ќе се врати во ред.